Македонија
24. September 2025 - 16:43

Тошковски демантира дека убиената Росица барала помош преку СМС пораки од него

Министерот Панче Тошковски, демантира дека убиената Росица му испраќала СМС пораки барајќи помош од насилникот кој и го одзема животот.

Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста и упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели, велат од Министерството за внатрешни работи.

Од СДСМ денеска побараа одговори од министерот за внатрешни работи, дали оваа порака стигнала до него пред пет месеци и што направил тој? Каде да пријавуваат жените кои се малтретирани, кога институциите само си ја префрлаат меѓусебно одговорноста?

Тотална измислица се наводите на СДСМ за наводните пораки на Росица, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Пораките за кои СДС зборува се тотална измислица и фабрикација на нивната кујна за лаги и манипулации. Лагите и манипулациите се најсилното оружје на СДС, таму најдобро се снаоѓаат во недостаток на конкретни политики. Да се излезе со фабрикувана порака на убиената Росица, со тврдење дека е вистинита е повеќе од лага, тоа е злоупотреба на смрт на една млада девојка во политички цели, што е надвор од сите морални основи и некрофилство од невидени размери“, соопштија од владејачката партија.

Во пораката која наводно е испратена до Тошковски од страна на Росица, недостигаат последните бројки од телефонскиот број, а не може да се утврди ниту датумот кога е испратена. Во неа пишува:

„Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември месец па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е се уште на слобода! Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин, пишува во пораката каде е наведен и бројот на предмет и обвинителот, а завршува со зборовите Очајно молам за помош“.

Од МВР пак за пасошот кој се споменува во пораката дека му е вратен на убиецот Илија, велат дека до Управните служби при МВР ниту еден суд нема доставено решение за одземање на патната исправа.

Росица и нејзиниот татко беа убиени од нејзиниот поранешен партнер, кого од декември седум пати го пријавувала во полиција- за насилство, палење автомобил, вознемирување. Велешкиот суд го осудил на условна казна на 10 септември, а после пет дена тој ја уби Росица, па се самоуби.