Започна пријавувањето детски филмови за „Тинтири Минтири Филм Фест“

Меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“ објави отворен повик за пријавување професионални филмови за деца и филмови направени од деца на третото издание на фестивалот, кое ќе се одржи на 9 и 10 јуни годинава во Скопје.
Како што информираат од „Тинтири Минтири Филм Фест“, право на пријавување имаат сите филмови изработени во која било техника и кои предходно не биле пријавени на овој фестивал, а се завршени по 31 декември 2015 година.
Филмовите може да бидат пријавени во категории на кратки филмови за деца до 25 минути или долгометражни филмови за деца до 120 минути, како и краткометражни филмови направени од деца, со времетраење до 10 минути. Краен рок за праќање на материјалите е 15. април.
Според директор Кузман Кузмановски, целта е фестивал во кој децата активно ќе земат учество.
- Децата како публика се веќе изградена категорија во цел свет, па и кај нас. Но, ние се обидуваме да изградиме една поинаква целна група - децата како творци на филмски содржини, како идни филмски професионалци, децата како создавачи на медиумски содржини, деца со свој став и мислење, деца кои имаат право да кажат што сакаат и како тие ја доживуваат реалноста. Ова е фестивал од децата и за децата, изјави Кузмановски.
„Тинтири Минтири Филм Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со Кинотека на Македонија и со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје.
Ново на Сител
-

Судијата Ненад Савески е предлог на Владата за нов државен јавен обвинител
-

Цените на нафтата паднаа, Владата нема да прогласи кризна состојба
-

Мицкоски ќе побара од маркетите да не ги зголемуваат цените на производите
-

Опозицијата бара поевтино гориво
-

Уапсен професор од средното уметничко во Скопје – барал да има полови односи со ученичка
-

Антикорупциска не најде судир на интереси кај Томовски
-

Законот за јавно обвинителство ја помина првата фаза во Собранието со поддршка од 75 пратеници
-

Отпуштања од работа во Гентерм, а неофицијално и во Бехтел и Енка
