Македонија
25. May 2022 - 14:16

Законските измени за интервентен откуп на оризот го поминаа првиот собраниски филтер

Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска едногласно го поддржа Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој кој треба да се донесе по скратена постапка.

Со измените, како што стои во предлог-текстот, ќе се овозможи мерките за стабилизација
на пазарот, пред се интервентниот откуп, да се применуваат не само за пченицата, туку и за
оризот.

-Поради катастрофалната состојба во која се наоѓаат оризопроизводителните, неопходна е измена на Законот. Состојбата во оризопроизводството се наоѓа во критична фаза, за што е потребно кон оваа
земјоделска култура државата да има посебен однос. Со опфатот на оризот како стратегиска земјоделска култура ќе се обезбедат доволни количини за потребите на населението и задоволување на пазарот во состојба на глобална прехрамбена криза. Воедно, ќе се овозможи на поедноставен начин да функционира пазарот, со што ќе се олесни откупот на оваа земјоделска култура и ќе се одбегнат ценовните шпекулации, рече пратеничката од СДСМ Даниела Колева, образложувајќи ги измените.

По денешното усвојување во матичната собраниска Комисија, Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој треба да се најде на пленарна седница.