Македонија
16. March 2016 - 16:38

Заев: За кредибилни избори неопходни се чист избирачки список и медиумски реформи

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска претпладнето се сретна со британскиот државен министер за Европа, Дејвид Лидингтон, придружуван од заменик раководителот на секторот за западен Балкан во МНР на Велика Британија Питер Беинбриџ, секретарот на министерот, Ричард Јеитс и амбасадорот на Велика Британија во Р.Македонија Чарлс Гарет.

Како што соопшти денеска СДСМ, тема на разговорите на средбата била актуелната политичка ситуација во земјава и потребата од исполнување на клучните услови за фер и регуларни избори.

- Мора да има чист и доверлив Избирачки список и медиумски реформи, за да има кредибилни избори, од коишто зависи стабилноста на државата, рече претседателот на СДСМ Заев, стои во соопштението.

На состанокот се разговарало и за причините поради коишто се доцни со овие два клучни услова за да може да бидат организирани и спроведени фер и демократски избори и за потребата прашања да бидат решени квалитетно и ефикасно.

Заев на средбата објаснил дел од Програмата на СДСМ во чијшто фокус се потребите на граѓаните, работни места преку реален економски развој, добар судски систем што ќе гарантира неселективна правда за граѓаните и инвеститорите и институции што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државниот систем.