Македонија
16. October 2025 - 16:43

Ветувања на кандидатите за градоначалник на Скопје пред крајот на изборната кампања

Орце Ѓорѓиевски очекува апсолутна победа уште во првиот круг од изборите за градоначалник на Скопје. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ја бара поддршката од сите партии и етнички заедници, бидејќи неговата победа, како што нагласува, е сигурна.

Затоа, тој ги повикува граѓаните да не чекаат втор круг, туку веднаш да му овозможат да почне да работи на решавање на проблемите во главниот град. Покрај ѓубрето што вети дека ќе го исчисти за 72 часа откако ќе стане градоначалник, првиот ден од неговиот мандат вели ќе го реши и долгогодишниот проблем со јавниот превоз.

Кандидатката на СДСМ пак, Каја Шукова најавува нов Генерален урбанистички план за Скопје – Град на луѓето, а не на бетонот. Приоритет ќе бидат пешаците и велосипедистите, а не автомобилите, па затоа најавува пешачки зони и нови велосипедски патеки. Шукова ветува и проширување на Скопје северно од Вардар со нови станбени населби. 

Кандидатот за Скопје, од Левица, Амар Мециновиќ вечерва ќе има средби со граѓани во општините Ѓорче Петров и Гази Баба, а Горан Марковски, независен кандидат, ќе одржи настан во Градската библиотека Браќа Миладиновци- „На час со Марковски. Диши, јавно здравје во хаотичен град“. 

Утре е последниот ден од кампањата на партиите и кандидатите пред изборниот ден на 19 октомври.