Македонија
21. јуни 2017 - 22:27

Заев-Нинова: Поддршка од БСП за реформската Влада предводена од СДСМ

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска во рамки на посетата на Бугарија во Софија се сретна со Корнелија Нинова претседателот на Бугарската социјалистичка партија (БСП), нивна сестринска партија. 

Како што соопшти СДСМ, на средбата во седиштето на БСП, тој изразил огромна благодарност што оваа партија активно учествуваше во целиот процес на поддршка на Р. Македонија за излез од кризата, за изразената поддршка на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ, а договориле и унапредување на соработката на ниво на партии.

- Во тоа име, денеска разговаравме за следните соработки. Ние потврдивме комплетно учество во иницијативите коишто БСП денеска ги отвора и на регионално ниво, но и на билатерално ниво. Договоривме најмалку еднаш да држиме билатерални конференции за да ги размениме сите неопходни искуства. Ние веруваме дека како левичари во оштеството можеме да бидеме авангардата на демократизација на партиите за да има повеќе демократија и во државата. Нивните усилби за внатрепартиско гласање се и наши усилби за внатрепартиско гласање. Директно учество на членовите во изборот на раководствата на партиите ќе значат повеќе демократија во партиите, а со тоа и повеќе демократија во државата, рече лидерот Заев.

На средбата, се наведува, биле разменети искуства на партиите во спроведувањето на изборите како партии кои припаѓаат на левата опција.

- Уверени сме дека времето на левицата, на солидарноста, на еднаквоста, доаѓа и затоа треба лево ориентираните партии да имаат свое посебно место во иднината на перспективите на нашите земји и на нашите граѓани. Разговаравме за балканската конференција којашто како иницијатива произлегува од БСП, некаде во септември да ја одржиме токму овде во Бугарија каде што ќе ги поканиме и земјите од Западен Балкан, но и од другите балкански земји, каде што лидерите на политичките партии без разлика дали се премиери или се учесници во власта или се опозициониери, ќе можеме да разговаране за стратешките определби, за перспективите на левицита генерално на Балканскиот полуостров, низ призмата на интересот на граѓаните, истакна Заев.

Нашите раководни структури веќе разменија и одредени билатерални искуства. Пред нас претстојат локални избори, Бугарија за две години има избори за Европскиот парламент, но претстојат и локални избори исто така. Овие избори се избори на личности, на добри кандидати, каде што навистина, добриот избор на добри кандидати, многу ќе ни помогне и во поддршката на самите политички партии. Месните избори се избори на кандидати, а партиите се од секундарно значење и во тој обем верувам дека можеме многу што едни од други да научиме.

- Македонија ја има Бугарија за голем пријател. БСП е наш голем пријател, посебно структурите кои произлегоа од БСП, јас мора да го истакнам и тоа, покрај партијата и претседателката Корнелија, сите заменици претседатели, раководните структури на БСП, давајќи и поддршка на Македонија, како и поранешниот претседател на БСП кој сега ја води Партијата на европските социјалисти, Сергеј Станишев, ја обедини заедно левицата на евопско ниво, помогна во прашањето за излез од кризата на Република Македонија. Оваа поддршка до нас, исто така беше од историско значење, никогаш нема да ја заборавиме и претставува само израз на градење пријателство од Бугарија, кое што преку ваквите институции, навистина пријателски помогна на Македонија на еден принципиелен начин државата да излезе од политичката криза во која што бевме западнати повеќе години наназад, истакна Заев.

Премиерот и лидер на СДСМ, воедно, најави одлични перспективи на соработка со оваа сестринска партија, преку која, како што рече, верува дека само ќе ги унапреди севкупните перспективи на соработка помеѓу граѓаните на Македонија и граѓаните на Република Бугарија, стои во соопштението од СДСМ.