Македонија
15. October 2024 - 20:03

Вредностите на манганот во водата во Струмица околу границата на исправност

Манганот во водата во Струмица се намалува. Последните интерни анализи на Комуналец покажале дека  параметрите се околу границата за исправност. Сепак, водата останува забранета за пиење додека не се добијат резултати од акредитираните лаборатории и решението од АХВ. Во меѓувреме, се спроведуваат и дополнителни мерења на водата од секундарната водоводна мрежа. Градоначалникот Костадинов е оптимист дека е можно од идната неделата граѓаните повторно да ја користат водата од градскиот водовод.

За Костадинов, освен чиста вода за пиење, во моментов многу е важно да се продлабочи соработката со Водостопанство и министерството за земјоделие, да се провери квалитетот на водата во брана Турија и да се лоцира од каде доаѓа проблемот со цел да се превенираат слични кризи во иднина.

Од агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека се уште ги нема добиено резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри вода од 8 мерни места, во рамки на вонредниот инспекциски надзор кој беше спроведен на 4 октомври на акумулацијата “Турија”. Се до добивање на резултатите со кои ќе се потврди безбедноста на водата за пиење во струмичкиот градски водовод, забраната за употреба на водата за пиење останува на сила.

Забраната во Струмица и шест села трае веќе околу три недели. Забрана на водата за пиење  има и во десет села во општина Василево од кои седум исто како и Струмица снабдуваат преку браната Турија.