Македонија
4. јуни 2025 - 16:33

ВРЕДИ се уште нема став за една изборна единица

Прашањето за една изборна единица е комплексно. Албанскиот коалициски партнер во Владата, ВРЕДИ се уште нема став за ова прашање, но градоначалникот на Тетово, и еден од лидерите во коалицијата вели дека откако тие ќе изградат став ќе биде објавен јавно.

- Не е едноставно да се произнесеме сè уште во рамките на „Вреди“ се формира како став за тоа што посебните партиите дел на „Вреди“ во минатото, имале свои ставови дали за една, дали за три или за осум изборни единици, но на крај на денот треба да имаме предвид дека секоја промена на Изборниот законик и реорганизација на нели изборните единици треба да пазиме да нема етнички реперкусии. Затоа ние кога ќе изградиме заеднички став, тоа ќе го објасниме и ќе дадеме и наше образложение, зашто стоиме одзади тој став, рече Касами.

Претходно, Демократски Сојуз на Павле Трајанов и Либерал-демократската партија поднесоа измени во Изборниот законик. Најголемата парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ би поддржала Македонија да биде една изборна единица, но со право да гласа и дијаспората. Првиот човек на опозициската СДСМ, Венко Филипче, пак рече дека е подготвен да разговара за ова прашање, но оти за ова прашање потребен е консензус. 

Доколку политичките партии се усогласат Македонија да стане една изборна единица – тоа би се имплементирало на следните парламентарни избори. Меѓутоа, оваа идеја не е нова. Во јавноста и во политичките кругови се провлекува речиси секогаш пред изборен циклус. Но барем засега, нема добиено простор ниту за суштинска дебата. 

Во моментов се гласа по пропорционален изборен модел со шест изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници.