Тројка надеж – во Клиниката Жан Митрев на свет донесени три предвремено родени бебиња во 31 гестациска недела
Мира, Малахат и Мелис дојдоа на свет со царски рез 9 недели порано пред очекуваниот термин во Клиниката Жан Митрев. Трите сестри се предвремено родени бебиња од природно зачната бременост и се реткост во современата медицина. За тимот во клиниката се тројна надеж и симбол за живот и хуманост. Мира, Малахат и Мелис се во стабилна состојба под надзор на неонатолози а одлично се чувствува и нивната мајка.
-Вчера ми се родија три ќерки, презадоволна сум од целиот тим. Имам две синчиња дома и со нетрпение чекам да се вратам и со нив да се видам, вели Мубеџел Бектешова, мајка на Мира, Малахат и Мелис.
Пренаталната грижа започнала уште во 11 гестациска недела а бременоста, хоспитализацијата и породувањето било под надзор на мултидисциплинарни тимови од гинеколози, акушери, неонатолози, акушерки, педијатри.
Мира, Малахат и Мелис се во Центарот за мајка и бебе каде се под постојан мониторинг. Со ова породување како што велат од клиниката, официјално започнал со работа и одделот за неонатална интензивна нега.
Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености од природен пат, како оваа се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8000 случаи.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар