Македонија
18. November 2025 - 17:42

Во Собранието амандманска расправа за Буџетот за 2026

 Комисијата за финансирање и буџет попладнево ја започна амандманската расправа за Предлог- Буџетот за 2026 година. Како што информираше заменик-претседателката на Комисијата Јованка Тренчевска за Предлог-буџетот за 2026 година се поднесени 203 амандмани од овластени предлагачи. 

На почетокот на седницата беа одбиени три амандмани предложени од пратениците од пратеничката група на ДУИ за зголемување на средствата за поголем број вработени од немнозинските заедници во Кабинетот на претседателот на Собранието и во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и за оперативни работи на Комисијата. Амандамните не беа прифатени од претставникот на Владата, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски и не беа изгласани од членовите на Комисијата за финансирање.  

Пратениците од СДСМ со амандман побараа зголемување од 14 милиони денари на Буџетот за Оперативно техничката агенција за нејзино кадровско доекипирање. Оливер Спасовски од СДСМ рече дека доколку не се доекипира ОТА ќе се ограничат нејзините активности, а притоа посочи дека дополнителна причина за амандманот е и Извештајот на Европската комисија. 

Заменик - министерот за финансии Јанкуловски рече дека по направените консултации амандманот би можело делумно да се прифати и буџетот за вработување во ОТА да се зголеми за пет милиони денари, што беше прифатливо од предлагачите, пратениците од СДСМ. 

Тие исто така со амандман побараа зголемување на средства и за инфраструктура на ОТА, но тој не беше прифатен од претставникот на Владата.   

Пратеници од СДСМ побараа пренамена на средства за спортски субвенции од 300 милиони денари за зголемување на буџетот за привлекување на странските директни инвестиции и за индустриските зони. Амандманот не беше прифатен, а заменик-министерот за финасии потенцира дека парите за странски инвестиции во споредба со 2025 се зголемени за една милијада денари. 

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците од СДСМ побарале да се скратат пари за субвенции за спорт, наведувајќи во амандманот дека тие се „расфрлани и нискоменливи трансфери“, а неговата колешка Дафина Стојановска рече дека тие биле фрапирани од овој амандман на пратениците од СДСМ бидејќи ние имаме спортисти кои треба да се поддржат и ја претставуваат државата. Стојановска рече дека ние треба да ги зголемиме парите за спортистите и колку клубовите и индивидуалните спортисти се мачат. 

Во текот на општата расправа, која заврши вчера, пратениците од владејачкото мнозинство изнесоа ставови дека предложениот буџет е реален и развоен со индикатори базирани на подобрување на економскиот раст и силна реализација на проектите и приходите. Со реализација на предложениот буџет, според нив, ќе се реализираат потреби и барања на граѓаните бидејќи се обезбедуваат повеќе средства за повисоки плати, пензии, нови училишта, градинки, развивање на инфраструктурата, дигитализацијата, капиталните инвестиции.

Наспроти нив, опозициските пратеници сметаат дека предложениот буџет е нереален, неразвоен и социјален и нема да го подобри стандардот на граѓаните и услугите од државата. Критикуваа и дека ќе се зголеми јавниот долг и оти се намалени капиталните инвестиции.

Со Предлог-буџетот за 2026, економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, вкупните расходи на износ од 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции 40,5 милијарди денари (650 милиони евра). 

МИА