Македонија
20. December 2024 - 11:36

Во Основниот суд Куманово одложено судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово

Во основниот суд Куманово поради службен пат на обвинителот, денеска  беше одложено судењето против 36-годишната Вангелица Илијевска, која во јуни годинава ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово.

Обвинителството бара да се осуди по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана. На денешното рочиште требаше да бидат разгледани доказите, материјално технички и да се сослушуваат вештите лица од психијатрија и ДНК анализа на предлог на обвинителството. По изведување на доказите на Обвинителството, одбраната најави дека ќе започне со презентирање на својата теза со материјални и технички докази и распит на свои технички советници и вешти лица.

На првото рочиште обвинетата кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа на 13 јуни годинава Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан.

Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован. На првото рочиште сведочеа мајката и сопруга на Јован и Стојан, како и сосед на семејството.

Наредното рочиште е закажано на 22 јануари 2025 година.