Во Охрид експертска школа на НАТО за борба против ИСИС

Заканите по безбедноста што произлегуваат од радикализацијата во просторот на електронските комуникации и начините како да се спречат обидите за нивна злоупотреба од страна на меѓународните терористички организации се теми на дискусија на меѓународната конференција што во организација на НАТО програмата за мир, Воената академија на РМ и Бугарската академија на науки од денеска се одржува во Охрид.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски кој имаше свое обраќање пред учесниците на собирот појасни дека наредните пет дена предавачи од повеќе земји-членки на НАТО и од регионот ќе дискутираат за начините како државите да се справат со растечките закани во сајбер-безбедноста односно во насока на намалување на радикализацијата кај младите луѓе што се регрутираат во ИСИС и слични терористички организации.
- Станува збор за значајна конференција бидејќи дава можност експертите од Република Македонија и од регионот да стекнат најдобри и најсоодветни знаења од областа, со цел да бидеме поуспешни во справувањето со предизвиците, рече тој.
Што се однесува на ситуацијата во Македонија, Јолевски посочи дека внимателно се следи. Од аспект на радикализација на терористичките закани по безбедноста, тој појасни дека ИСИС последните месеци бележи големи загуби на бојните полиња, но, како што рече, тоа не значи дека има место за опуштање, напротив, треба ситуацијата да се следи и да се работи на зајакнување на институциите, да се работи на развој на мерки за справување со предизвиците.
- Македонија е безбедна, но можностите за криза со нов мигрантски бран наметнуваат потреба од развој на соодветна стратегија за дејствување во такви услови, истакна Јолевски.
На собирот во Охрид што е трет настан од тој вид, учествуваат претставници од безбедносните структури на 15 држави, воглавно од регионот, но и од САД, Турција, Италија и Израел.
- Во деновите што следат учесниците на напредната школа ќе дискутираат на повеќе различни теми од областа на безбедноста, ќе имаат можност да изнесат свои забелешки, со надеж дека ќе придонесат во насока на зајакнување на капацитетите на регионот за справување со евентуални кризи, истакна професорот Златогор Минчев, началник на Одделот за информатика и безбедност во електронските комуникации во Бугарската академија на науки.
Минчев не сакаше да говори за актуелната ситуација, односно да изнесе информации за тоа колку навистина постои закана од нов бран бегалци, но укажа дека изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за отворање на границата за бегалците секако бара поактивен ангажман во насока на зајакнување на капацитетите на интегрираните регионални безбедносни структури.
Ново на Сител
-

Портпаролката Марија Захарова го исмеа Бајден
-

Превземени мерки за случајот во Струмица, малолетници објавиле видео на „Тик ток“ како вршат насилство врз врсник
-

Најмалку шест лица загинаа во пожар во магацин за парфеми во Турција
-

Приведено едно лице од гостиварско, пронајдена дрога
-

Зеленски: Русите ја нападнаа Украина со повеќе од 450 дронови и 45 ракети
-

Од патарина во првите девет месеци инкасирани 58,725 милиони евра, електронската наплата 35 проценти
-

Најмногу дожд изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка
-

Трамп: Ниту еден американски претставник нема да патува на самитот Г20 во Јужна Африка
