Во Македонија нема ниту еден политичар со интегритет, сметаат граѓаните
Две третини од македонските граѓани сметаат дека не постои ниту еден политичар кој има интегритет во државата. Форумот за разумни политики објави анкета како зачеток на Индекс за интегритет во политиката.
Речиси 90% од граѓаните сметаат дека институциите треба да се извинат доколку направат грешка во работењето, но 85% не се сеќаваат дека такво нешто се случило. Над 70% сметаат дека политичарите треба да поднесат оставка кога ќе направат некое дело, поради несовесно работење или во случаи кога на несреќи со човечки жртви.
Најмногу замеруваат што никој не поднесе оставка поради трагедијата во Кочани кога во пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ загинаа 62 млади луѓе.
За политичарите да ја вратат довербата, според граѓаните, треба да работат за јавниот интерес, а не за себе лично, да бидат казнети кога ќе направат злоупотреба и да ги исполнат ветувањата што ги дале.
- Довербата е ниска, знаеме колку е ниска довербата. Граѓаните не нужно знаат што е тоа, зошто не им веруваат на политичарите. Но кога ќе видат дека едно зборуваат, а друго прават, или едно зборувале можеби кога било во опозиција, а друго кога се на власт, чувствуваат дека негде чкрипи работата, вели Гордан Георгиев претседателот на Форумот за разумни политики.
Жолт картон добија и медиумите и новинарите, но тие уживаат каде-каде поголема доверба од политичарите. 41% од граѓаните не веруваат на ниту еден медиум, а 32% сметаат дека не постојат новинари со интегритет. Најголема доверба граѓаните имаат во телевизиите, радијата и весниците.
Зошто?
- Тешко прашање коешто не е поврзано само со Македонија. Не е поврзано само недоволно етаблирана демократија и демократски процеси и демократски институции. Туку е поврезано малку и со технологијата, малку и со социјалните мрежи кадешто секој станува експерт. И кој повеќе скандализира, тој има повеќе лајкови, повеќе „фолоуери“ итн. И тука улогата на традиционалните медиуми, не само во Македонија, туку и во светко ниво се проблематизира. И таа борба помеѓу големиот океан на социјални медиуми и важната улога на традиционалните медиуми е борба којашто вие треба да си ја изборите на некој начин, вели Георгиев.
Сепак, граѓаните на отворен тип на прашање кажале дека покрај Фејсбук, Сител им е најчестиот извор на информирање.
Анкетата е направена на репрезентативен примерок од 1027 испитаници во периодот меѓу 15 и 26 август годинава. Анкетата е само еден дел, Форумот за разумни политики споздаде Индекс за интегритет во политиката. Преку него ќе мерат како политичарите се однесуваат, па со директна комуникација со нив ќе се обидат да влијаат врз нивната работа и јавни настапи.
- Клучната идеја тука е да не биде ова сега критика заради критика. Ќе се обидеме и во комуникација директна со политичарите и со институциите, преку нашите организации и преку нашите соработници да им помогнеме. Бидејќи некој политичар можеби не знае колку му штети, ако се однесува неинтегритетно, или ако се однесува надвор од она што е дозволено во јавната сфера. И ќе се обидеме во таков тип на совети и поддршка, ако сакате, и да ги научиме политичарите како да се однесуваат, вели Георгиев.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
