Две деца од О.У „Димо Хаџи Димов“ остануваат на Детска клиника, едно е пуштено на домашно лекување
Две деца остануваат хоспитализирани на Детската клиника, а едно е пратено на домашно лекување. Ваква е попладнево состојбата на основците од Димо Хаџи Димов кои со стомачни симтоми на повраќање и дијареа побарале помош од докторите. На хоспитализираните деца состојбата им е стабилна. На преглед вчера и денеска дошле вкупно десеттина.
И инспекциските служби го вклучија црвениот аларм. Инспектори од ДСЗИ, АХВ И ИЈЗ влегоа во училиштето. Земале мостри од храна, од работни површини, брисеви од вработени како и примероци од водата.
-ДСЗИ согласно надлежностите, ја затвори кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана во кое се посочени активностите кои треба да ги преземе операторот со храна како и мерки за вработените, вели Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
-На наше инсистирање како Институт, иако не беше предвидено, земавме мостри и од водата. Се уште го чекаме тимот да се врати, да ги разгледаме епидемиолошките анкети и ќе се работи и денес и вечер, вели Марија Андонова директор на ИЈЗ.
Првичните резултати ќе се бидат готови дури утре, а за официјалните процесот може да потрае и подолго. Зошто толку многу деца со симтоми денеска место на училиште останаа дома, дали станува збор за труење со храна или вода, се уште не се знае.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
