Македонија
28. November 2025 - 21:14

Во дигиталниот простор во Македонија најчести се економските измами

„Ало, вашата ќерка направи сообраќајка“ – Додека светот стравува од масивни хакерски напади, македонските граѓани паѓаат на евтини измами. 

БИРН објави извештај за дигиталните права и нивното прекршување на Балканот. 

Македонските граѓани најчесто се жртви на економски криминал. Дури 38,5% од прекршувањата во дигиталниот свет се во делот на измами и пирамидални шеми. 

- Економските злосторства и злоупотребите на дигитални средства остануваат најбрзо растечката категорија, што укажува дека криминалците сè повеќе ги таргетираат онлајн финансиските системи и ги искористуваат новите технологии како што се „deep fake“ и вештачката интелигенција, се вели во извештајот.

Речиси 60% од извршителите се индивидуалци, а за голем дел од сторителите не се знае од каде се. 

Главна мета на извршителите се граѓаните. Дури три четвртини од жртвите и потенцијалните жртви се токму тие. Сторителите ретко се решаваат да нападнат политичари, партии или приватни компании.

Само 35% од населението тука има базични дигитални познавања, што во суштина е и најголемиот ризик за онлајн измами кои го искористуваат незнаењето за заштитни мерки. 

Во извештајот се наведуваат дури 85 случаи во кои се користи познато лого, познато лице и линк кој ветува некаков профит.

Измамниците рутински се претставуваат како брендови, јавни институции и добро познати личности за да соберат лични податоци и информации како што се телефонски броеви, адреси и банкарски детали. Додека граѓаните стануваат сè поскептични, објавите што имитираат доверливи компании сè уште привлекуваат илјадници интеракции, се вели во извештајот.