Македонија
28. November 2025 - 16:30

Муртезани: Уставните измени се преземена обврска, работиме на воспоставување дијалог со Софија

На уставните измени мора да се работи како преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, но процесот нема да се спроведува додека не се воспостави дијалог со Софија, вели министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Ваквиот став доаѓа откако американската амбасадорка порача дека е 100 проценти убедена дека се работи на менување на Уставот.  

По средба со шведската колешка која е во посета на Скопје, Муртезани порача дека процесот на проширување не треба да се базира на билатерални спорови, туку на систем на заслуги. Не одговори дали се подготвува трет протокол со Бугарија за надминување на спорот, откако претседателката Давкова го предложи тоа како креативно решение, но вели работат на воспоставување дијалог.

Обврската за уставни измени и реформи денеска ја повтори и министерката за европски прашања на Шведска, која е во посета на Скопје. 

Претходно и премиерот најави дека по Нова година, ќе се интензивираат раговорите со официјална Софија за враќање на довербата за да се надмине спорот и да се одблокира евроинтегративниот процес.