Македонија
24. May 2017 - 17:54

ВМРО-ДПМНЕ: Пресот на СДСМ алиби за измени на Законот за јазиците

ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната прес-конференција на која СДСМ најави поголема грижа и унапредување на статусот на македонскиот јазик, оценувајќи го тоа како дволичност затоа што од друга страна СДСМ прифатила официјализирање на албанскиот јазик како втор службен согласно тиранската платформа.

- Денешниот прес на Алаѓозовски не претставува ништо друго освен алиби за претстојните измени на Законот за јазиците во Република Македонија што како дел од Тиранската платформа безусловно ја прифати нивниот лидер Зоран Заев. Токму таа Тиранска платформа предвидува целосна двојазичност на територијата на Македонија, а сега Заев и СДС се обидуваат да ја релативизираат и покриваат со некаква наводна грижа за македонскиот јазик преку семинари, одбори и доработки на електронски бази. Ќе беше добро доколку наместо купиштата изречени лаги и веќе слушнати флоскули, Роберт Алаѓозовски пред јавноста го објавеше веќе договорениот и усогласен текст на предлог законот за јазици кој неколку месеци го крие од граѓаните на Република Македонија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата во реакцијата пишува дека во време на нејзиното владеење реализирани се  конкретни проекти, како новото издание на Правописот на македонскиот јазик кој, како што наведува, се носи после првото издание од 1945 година. 

- Дополнително се реализира превод на македонски јазик на 1.200 наслови на современа стручна и научна литература, соопштува ВМРО-ДПМНЕ, набројувајќи и други капитални проекти од издавачката дејност  - „Ѕвезди на светската книжевност” со 560 врвни дела од светската книжевност, Антологијата на литературата за деца и млади, Антологискиот приказ на македонската книжевност преведен на шест странски јазици, едициите „Врвови на светската историја, филозофија и психологија со психоанализа“, „Светско книжевно наследство“, „Македонски искушенија“...

Исто така, посочува ВМРО-ДПМНЕ, се испраќаат наставници по македонски јазик во странство, со цел македонските државјани во другите земји да можат да се едуцираат на македонски јазик