Македонија
9. July 2015 - 16:49

ВМРО-ДПМНЕ: Не прифаќаме смена на премиер и министри

Нема нови отстапки, нема промена на Премерот и други министри. Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ синоќа донел четири заклучоци поврзани со политичката криза, а кои се однесуваат на преговорите за нејзино решение. Партискиот врв констатирал дека во досегашниот тек на преговорите ВМРО-ДПМНЕ имала крајно конструктивна страна и направила многу отстапки во правец на изнаоѓање на компромисно решение за политичката состојба.

-ВМРО-ДПМНЕ во понатамошните разговори нема простор за нови отстапки, особено не во делот на организација на Владата за подготовка на наредните избори, стои во еден од заклучоците на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ:.

Второ, односот на СДСМ во преговорите според владеачката партијае неодговорен и со јасна желба истите да не успеат заради најмалку две цели.

-Првата цел на СДСМ е да нема избори во април 2016 година бидејќи се свесни дека ги очекува тежок пораз. Втората цел на СДСМ е политичката криза да предизвика економска криза, што СДСМ го гледа како свој партиски интерес и надеж за успех. Дополнително, политичката штета од негативните извештаи од меѓународните организации, како и можното губење на препораката за започнување на преговори со ЕУ е на листата на цели на СДСМ, стои во соопштението на владеачката партија.

Истовремени за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да учествува на преговори доколку и се додека СДСМ, со илегално стекнати и монтирани материјали на прес конференции ја манипулира јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува напорот на претставниците на меѓународната заедница и уште еднаш потврдува дека стои и е спремна за имплементација на договорот од 2 Јуни, но нагласува дека нема намера да продолжи со отстапки на нелогичните барања на СДСМ. Промена на министри и премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, стои во заклучоците на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ