Македонија
25. јуни 2025 - 16:40

Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански „Пулс “

Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански Пулс. Врховниот суд го уважи предлогот од штипска апелација за пренесување на надлежноста. 

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, денес на 25 јуни 2025 годинa донесе Решение КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот КООА.бр.13/25 на Основен суд Кочани, оформен во врска со пожарот кој се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, го определи Основниот кривичен суд Скопје“, информираат од Врховен.

Ваквата одлука доаѓа откако кочанскиот суд побара изземање, бидејќи сите петмина судии веќе биле инволвирани во носењето на одлуки за мерките за обезбедување на обвинетите. Обвинение е поднесено за 34 лица, осомничени за тешки дела против општата сигурност.

Во меѓувреме во ОЈО ГОКК трае истрагата за полициските службеници, кои се осомничени дека сториле кривични дела поврзани со пожарот. Нивниот работен статус е замрзнат. Министерот за внатрешни работи вели дека додека трае истрагата за нив, тие не ја вршат функцијата.

Досега со истрагата во ОЈО ГОКК се опфатени 29 полициски службеници.

„Во рамките на своите надлежности јавниот обвинител ги презема сите неопходни дејствија за расветлување на случајот меѓу кои сослушување на лица во својство на осомничени и во својство на сведоци, како и прибирање на други докази.  За сите полициски службеници за кои е поведена истражна постапка на предлог на обвинителството им се определени мерки на претпазливост“, велат од ОЈО ГОКК за Сител.

На последниот Марш на ангелите, родителите на загинатите деца побараа средба и со ОЈО ГОКК за да се информираат подетално за полициските службеници опфатени во истрагата. Меѓутоа, од обвинителството за организира криминал и корупција велат дека евентуална средба ќе се реализира откако ќе бидат испитани сите наводи. 

„Истакнуваме дека јавниот обвинител континуирано презема дејствија за прибирање и анализа на релевантните факти и докази за што поскоро расветлување на случајот. Истрагата е во тек и со цел истата да не се загрози, евентуална средба би можела да биде реализирана откако ќе се испитаат сите наводи, меѓу кои и оние што дел од родителите ги доставија до јавниот обвинител и по кои истиот постапува, односно кога ќе заврши истражната постапка. Ова беше најавено од страна на Јавниот обвинител на РСМ на средба со родителите. Во исто време ги охрабруваме сите оние што имаат некакви сознанија и докази што дополнително би ја поткрепиле истрагата да ги достават до ОЈО ГОКК, велат од ОЈО ГОКК.

Родителите имаат право да прашуваат, а државата да дава одговори, одговори Тошковски околу обвинувањата од родителите за истрагата за Кочани.  Дополни дека МВР постапило професионално и неселективно во целиот процес.

„И покрај сите обвинувања, покажавме дека можеме да имаме еден нормален пристап кон работите и покрај сите обвинувања од страна на опозицијата. Покажавме дека без оглед на име и презиме, без оглед на кој инволвирал, кој бил близок со некого или кој не бил близок, дека Министерството за внатрешни работи знае да постапува професионално и никогаш нема да дозволи за оние за коишто има докази, за оние за коишто има услови на сомнение доведено на одредени ниво, да не процесуира постапка“, додаде Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Првата група од 46 повредени викендов ја почна рехабилитацијата на Пониква. Таму ќе бидат две недели, колку што ќе трае треманот за секоја од групите. Синоќа првата група повредени пуштија 62 бели балони во знак на почит кон загинатите во Пулс.