Македонија
18. April 2025 - 16:46

ВМРО-ДПМНЕ: Бугарија ги демантираше тврдењата на СДС дека уставните измени се последно барање

Ветувањата на поранешните челници од СДСМ дека уставните измени се последно барање за интеграциите ги демантира официјална Софија, тврди владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

- Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ, Бујар Османи, две години тврдеа дека уставните измени ќе бидат последно барање на Бугарија, иако ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека тоа нема да е случај. СДС лажеше свесно. Тоа што сите го знаеја и на кое предупредувавме, сега го кажаа и од самата Бугарија. Министерот за надворешни работи на Бугарија, јасно кажа дека уставните измени нема да бидат последно барање. Да не беше ВМРО-ДПМНЕ и промислената и државничка политика, СДС ќе ја заглавеше државата, стои во партиското соопштение.

За СДСМ ваквите обвинувања се неосновани. Обврските за Македонија биле јасни и дел од преговарачката рамка. Бугарските барањата можеле само да бидат во рамки на процесот. Побараа власта да одговори зошто ништо не спровела од тоа што го ветуваше.

Гаранции нема, но Брисел знаел Скопје и Софија ќе имале договор за бугарското малцинство, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос по посетата на Бугарија.

Официјална Софија иако најави поддршка за интеграциите на Западен Балкан повтори дека бугарската позиција била јасна и непроменета – обврските мора да се исполнат. И шефот на бугарската дипломатија потврди дека уставните измени се првото, но не и последно барање за Македонија на патот кон ЕУ.