Бизнис
27. May 2022 - 16:37

Владата потврди дека пари за администрацијата нема да има годинава, ССМ бара договорот да се испочитува

Повисоки плати за административците догодина. И министерката за труд ја потврдува изјавата на министерот Бесими дека барањето за покачување на платите за 2806 денари не може да се исполни додека не биде готова новата методологија. Но, таа вели дека социјалниот дијалог ќе продолжи.

Не догодина, туку септември е времето кога согласно закон платите мора да се зголемат, реагираат од ССМ и повторуваат дека обврска на МФ  е во ребалансот да превиди пари за тоа. 

„Токму Министерството за финансии е адресата и одговорноста е на министерот Бесими да обезбеди почитување на Законите и колективните договори и за тоа да обезбеди средства особено со ребалансот,​ а во спротивно произлегува дека свесно ја оштетува Државната каса за доплнителни трошоци за водење на судски постапки против Државата“, соопшти ССМ.

Од Синдикатот на УПОЗ бараат итна средба за да се реши проблемот.

„Загрижува фактот што одредена група на вработени преку штрајкови и уцени успеаа да ја натераат Владата на РСМ да обезбеди средства за зголемвуање на платите, а за синдикатите кои му даваат шанса на социјалниот дијалог останува само на преговори и ветувања,“ реагираат од УПОЗ.

Премиерот пак, денеска најави дека ребалансот предвидува повисоки плати и за универзитетските професори кои преку писмо до Владата се заканија со штрајк.

Во ребалансот на буџетот влегоа парите за покачување на платите на вработените во образование и градинките за 15% од септември. СОНК зголемувањето го издејствува преку тринеделен штрајк.