Македонија
13. February 2025 - 16:51

Владата денеска нема да ги замрзне маржите

Владата не ги замрзна маржите.

Денешната седница на која требаше да се донесе оваа одлука не се одржа поради состанок поттикнат од комора формирана пред два дена. Во дописот до медиумите напишан на три страни освен што се закануваат дека ќе отпуштаат работници ако се замрзнат маржите, пишале и дека „во формирањето на цените, не се мешала ниту една Влада“, иако во изминатите 4 години, Владата дваесетина пати замрзнуваше цени или маржи на производи.

Сепак, Владата се одзва и ги повика на состанок. По двочасовната средба, наместо да кажат со кои аргументи настапиле, ни рекоа дека не знаат да даваат изјави.

Во меѓувреме, опозициската СДСМ ѝ предлага на Владата сет од седум економски мерки за подобрување на економскиот стандард на граѓаните. Лидерот на СДСМ Венко Филипче, рече дека поради погрешните политики на актуелната власт, животниот стандард на граѓаните со месеци се влошува, граѓаните имаат сѐ помалку пари додека платите стагнираат.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека СДСМ се тие кои ја зголемија цената на електричната енергија за 50% уништувајќи го енергетскиот сектор, а сега од опозиција лажно и лицемерно предлага некакви мерки.

„Сега СДС и Венко Филипче бесрамно бараат намалување на ДДВ-то на електричната енергија. СДС се тие коишто го покачија и ДДВ на прехранбените производи од 5% на 10%, за сега лицемерно да бараат негово укинување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Владата пред два дена го задолжи министерството за економија да напише листа од 100 групи производи чија маржа ќе се замрзне до 10% до крајот на април, откако пазарниот инспекторат во обемна контрола утврди високи маржи и кај маркетите и кај дистрибутерите.