Македонија
15. February 2025 - 16:35

Кога ќе заврши епидемијата на голема кашлица во Скопје која трае повеќе од една година?

Четиримесечно бебе од Скопје деновиве било хоспитализирано во клиниката Козле поради голема кашлицв. Вакцинирано согласно возраста и нема епидемиолошка поврзаност со претходно позитивен и заболен.  Овој случај и останатите кои периодично  се јавуваат  се причина што не може да биде одјавена епидемијата на пертусис во главниот град која трае една година.

-Согласно епидемиолошките параметри, потребно е 21 ден да нема ниту еден случај за да биде одјавена епидемија. Бидејќи се зголемени тестирањата имаме можност за спорадични случаи. Имавме период кога 14 дена немаше ниту еден случај, меѓутоа во поседниот извештај има два и се ресетира бројчаникот и се враќаме на нула и ќе чекаме повторно 21 ден. Но како што споменав, зголеменото тестирање ќе има спорадични случаи и можно е процесот за одјавување да биде пролонгиран, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести.

Во една година биле дадени над 96 000 дози на Ди Те Пер, но според вакциналните пунктови се уште има деца кои не се целосно заштитени. Кога лани во февруари скопскиот Центар за јавно здравје прогласи епидемија, имаше големи гужви за вакцинација а градинките не примаа без уреден вакцинален картон.

-Со ваков процент на вакцинација олекувам во иднина кога ќе биде одјавена епидемијата подолг период да немаме случај на голема кашлица, вели Мехмедовиќ.

Епидемија на голема кашлица имаше и во Тетово и Куманово, но таму е одјавена. Досега има 1181 случаи кај кои бил потврден пертусис и од нив 746 не биле вакцинирани или ги немале сите потребни дози согласно возраста.

Инаку пертусис е акутно заразно заболување кое се карактеризира со напади на кашлица а пневмонија и воспаление на мозокот се дел од компликациите кои можат да настанат.