Венко Крстевски ќе раководи со Кочани до локалните избори
Независниот советник Венко Крстевски ќе раководи со општина Кочани до одржување на претстојните локални избори.
На денешната седница советниците избираа помеѓу двајца кандидати, Крстевски и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Гоце Марков.
- Јас ќе бидам мост меѓу граѓаните и институциите. Фокусот ќе биде на младите и затоа ги повикувам сите млади со креативни идеи, кабинетот секогаш ќе биде отворен за нив, рече тој откако ја доби поддршката од колегите.
Крстевски доби поддршка од 9 советници, додека Марков од 8. Советничката од Левица, Жаклина Филиповска Свеќаровска остана воздржана и не поддржи ниту еден од двајцата кандидати.
Клучен момент за изборот на в.д. градоначалник на општина Кочани беше оставката на советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасова-Арсова. Оставката практично значеше дека Крстевски ќе добие поддршка од мнозинството.
Доколку таа не дадеше оставка и гласаше за Марков, тогаш советниците денеска немаше да можат да изберат градоначалник. Таа прво ја критикуваше својата советничка група, се извини што не можела да го исполни тоа што го ветила како носителка на советничката листа на партијата. Ги критикуваше и двајцата кандидати за кои рече дека амбициите им се само да дојдат до функција.
- Мојот здрав разум и мојата заклетва не ми дозволуваат да поддржам ниту еден кандидат. Во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка до претседателот. Повелете претседателе. Јас ви благодарам на сите, и од овој момент ќе се посветам на син ми којшто сѐ уште е во болница од несреќата и на сите оние деца коишто треба да се вратат з анивната рехабилитација зашто периодот ќе биде многу долг и многу напорен и јас ќе се борам за нив со сите мои сили и со сите мои културолошки аспекти.
Седницата се одвиваше во една тензична атмосфера, особено пред и за време на презентирање на програмите од страна на кандидатите за градоначалници. Советниците меѓусебно се обвинува за искористување на трагедијата за остварување на лични амбиции. Иако сите кои говореа на говорницата рекоа дека сега не е време за политика.
- Сега ние во моментов сме нестабилна општина. Немаме градоначалник, немаме директор на Водовод, немаме секретар на општината. За неколку дена ќе ги има сите тие работи. Јас денес мислев дека сите ние заедно ќе се договориме. Очигледно гледам тука поделеност уште од самиот старт. Ја не мислев да биде вака. Искрено се надевав дека барем денес нема да има политика. Затоа и не се јавив, да не се наметнувам. Да покажеме скромност. Каква скромност покажуваме ние вака, рече Марков при презентацијата на програмата.
- Ти си гратис советник. Носителката на вашата советничка група кажа дека сте болен по функција. Двајца советници се откажаа за да станете советник. Не сме исти. Јас се залагам за департизација , вие не сакате да ме предложите само затоа што не сум партиски подобен по вашата партиска листа, зашто не сум ВМРО-ДПМНЕ, му одговори Крстевски.
Изборот на в.д. градоначалник беше важен бидејќи откако на 18 март оставка си поднесе Љупчо Папазов, Кочани е без градоначалник. Со оглед на тоа што потписот на заменик градоначалникот не е валиден, вработените во институтициите во надлежност на општината можеа да останат без плата, бидејќи ќе немаше кој да стави потпис.
Папазов си поднесе оставка по најголемата трагедија во историјата на Македонија откако во пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ загинаа 61 лице, а повредени беа над 200 луѓе.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар