Таравари: Ќе има одговорност ако се утврдат пропусти кај третманот на 57 годишниот пациент кој почина на Кардиохирургија
Ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти при третманот на 57 годишниот пациент кој почина на Кардиохирургија ден по приемот, најави министерот за здравство. Таравари се уште не го прочитал извештајот од вонредната инспекција на ДСЗИ, но вели ќе има и стручен надзор кој ќе ги даде одговорите.
Починатиот пациент имал разлистена аорта и била потребна нејзина реконструкција, но на клиниката нема стент графтови бидејќи не работи и ангиографката сала која е затворена поради градежни активности. Интервенцијата не можеле да ја направат ниту на Торакална бидејќи и тие ги немале потребните материјали а во приватна болница, како што тврди смеејството им побарале да платат приватно.
Што ако денеска има пациент со ваква проблематика, каде ќе биде опериран?, беше прашан министерот.
-Сите сме потенцијални пациенти, на сите може да ни се случи ова, но за среќа во Македонија имаме три клиники каде што се прават вакви операции, меѓу кои една е државната кардиохирургија и две приватни. Дајте да го видам извештајот и секако, одговорност ќе има доколку биле направени пропусти и грешки, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
ДСЗИ по вчерашниот надзор констатирале дека во делот на здравствената евиденција нема пропусти за починатиот пациент на Кардиохирургија. Меѓутоа, во нивниот извештај е наведено дека ангиографската сала не работи а нема ниту стент – графтови.
Завчера реагираа и од клиниката од каде велат дека за 57 годишниот пациент постапиле согласно протоколите и дека неговата дијагноза била една од најтешките болести на аортата. Потврдија дека не работи ангиографската сала а според кардиохирургија не можелеа да биде утврдена и причината за смртта бидејќи не била дозволена обдукција на телото.
Стручниот надзор ќе констатира дали има лекарски пропуст, но останува неодговорено прашањето – што до 15 мај кога треба да проработи ангиографската сала на Кардиохирургија?
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар