Велигденска порака на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан
Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод претстојниот празник Воскресение Христово - Велигден.
- Возљубени празникољупци, Воскресението Христово е коренот на нашата вера! Во нашиот живот сè е насочено кон тaa сепобедна вистина. Преку тој спасоносен настан се удостоивме да учествуваме во тајната на верата, надежта и љубовта. Со Воскресението сè се исполни со праведност, мир и радост... Распнатиот Христос победи, а смртта стана вистинска пасха, реален премин од ништожност и темнина во живот. И, нема поголема вест за човекот и светот од најрадосната вест за победата на животот над смртта. Со тој неповторлив настан, Бог ни објави дека сè ново создава, и дека кој е во Христа, тој е ново создание.
Оттаму, овој Голем ден е дар Божји, во кој треба да препознаеме дека ништо не завршува со страдањето и смртта, туку дека Велигден е денот на животот! Тој настан ја откри и смислата на страдањето, но и потребата да внимаваме во нашите животи, во секоја помисла и збор, и при секој чекор и дело.
Возљубени, Ова лето Господово се навршуваат 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија. Векови – цел еден милениум ја сведочат историјата на нашата света Црква. Овој голем јубилеј, како и шесте децении од нејзиното возобновување, Македонска православна црква и македонскиот народ ќе ги одбележат во текот на оваа година. Со тоа ќе се потсетиме за славните времиња, но и за премрежијата низ кои поминала и поминува нашата древна Црква.
Со Божја помош, по молитвите на свети Климент Охридски – нашиот патрон, да продолжиме по патот на Господа, да ја чуваме чистотата на верата, единството во Црквата и меѓу нашиот народ, грижејќи се и бранејќи ги нашите духовни и национални вредности и посебности.
Верата во Воскресението е извор на трпение, љубов и надеж. Затоа, и на овој и на секој Велигден, радосно сведочејќи ја спасоносната вистина на Воскресението, да објавиме и меѓусебно да се поздравиме со мироносните зборови: Христос Воскресна! Навистина Воскресна!, стои во велигденска порака на поглаварот на МПЦ., г.г. Стефан.
Ново на Сител
-
СДСМ предлага закон за зголемување на платите
-
Левица: Плата да се исплаќа до 5ти во месецот
-
Научна конференција: Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење
-
Дневен центар за пензионери во Охрид
-
Прилепските извидници прославија 10 години
-
Преглед на вестите од светот
-
Европските лидери донесоа 4 заклучоци/услови за мир во Украина
-
Тема на денот со деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Миле Маркоски