Спорт плус
6. October 2022 - 14:34

Узеир ќе се бори за злато, Темелкова останува со бронза

На Светското првенство во кик-бокс, за кадети и јуниори, што се одржува во италијанскиот град Лидо Диесело, Македонија обезбеди два медали. 
 
Нашата јуниорка Јадранка Темелкова која настапува во категоријата до 56 килограми лоу-кик, остана на бронза. Таа денеска во полуфиналето беше поразена од босанската претставничка Анита Муминовиќ. Иако во првата рунда имаше предност од 3-0, сепак поради здобиената повреда на коленото во текот на борбата, не успеа докрај да ја сочува предноста, па на крајот мораше да и подаде рака на својата противничка и да се задоволи со бронзениот медал. 
 
Нелсон Узеир кој настапува во категоријата до 89 килограми кик-лајт, е нашиот адут за најсјајното одличје, златото. Откако вчера во четвртфиналето го победи Унгарецот, Торок (3-0), тој денеска беше подобар и од домашниот натпреварувач, Францеско Криваро од Италија, со што Узеир веќе осигура најмалку сребрен медал. Така во финалето, односно на патот до најсјајното одличје ќе му застане претставникот на Турција, Агдеве Самет.
 
Селекторот Дејан Митровски – Урко, по денешните борби не го криеше задоволството од овие постигнувања потенцирајќи дека Јадранка како дебитант на големите натпреварувања остварила одличен резултат, додека на Узери му претстои голем предизвик, освојување на златото.
 
 „И во оваа борба тој се бореше паметно и доминираше над противникот во сите три рунди со 3:0 .Добро е што нема посериозни повреди и има време да се одмори, а воедно да го анализираме противникот во  финалната борба која ќе биде утре или задутре“, изјави селекторот Митровски.