Утврдена листата за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја утврди листата за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Седумте најдобро рангирани кандидати за членови на ДКСК добија поддршка од членовите на собраниската Комисија.
Претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска информира дека листата со утврдените кандидати ќе ја достави до Собранието и се очекува оваа точка да се најде на дневен ред на првата наредна пленарна седница. За да се изгласаат новите членови на ДКСК потребно е просто мнозинство.
За претседател на ДКСК е предложена Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР), која од членовите на Комисијата за селекција добила 76 бода. За членови на на ДКСК предложени се судијката во Основниот суд Софија Спасова Медарска со освоени 75,86, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова Шулев со 74,28 и Бесник Џемаиљи со 74,14 бода, ревизорите Зоран Богоевски со 73,57, Цвета Ристовска со 70,57 и Демири Сервет со освоени 67,28 бода.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ако Собранието не избере претседател и членови на Државната комисија, постапката за избор се повторува во целост со објавување конкурс веднаш, а не подоцна од рок од десет дена.
Во постапката за избор на претседател и на членови на Антикорупциската комисија се земаат предвид принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на подеднаква родова застапеност.
Кандидатите за претседател или членови на Антикорупциската комисија кои сметаат дека во постапката за избор на претседател или член на Државната комисија се прекршени законските одредби, имаат право на тужба до Управниот суд каде постапката е итна.
Мандатот на досегашните членови на Комисијата - Билјана Ивановска, Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемси Салаи истекува на 7 февруари, а согласно законот немаат право на повторен избор, ниту на продолжување на мандатот. комисија.
Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари.
За претседател и членови на ДКСК, беа пријавени 41 кандидат кои на 23, 24 и 25 ноември беа испрашувани од Комисијата за избор составена од пратениците од власта Фаница Николовска и Берат Ајдари и од опозицијата Ели Панова и Кастриот Реџепи, како и Јован Андоновски како претставник на Народниот правобранител и претставниците на Советот за соработката меѓу невладините организации и Владата Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов.
Ново на Сител
-
Малолетничка пријавила дека доктор ја допирал по телото на клиниката „Мајка Тереза“
-
Папата Лав Четиринаесетти ги повика светските сили да ги прекинат сите војни
-
Мицкоски: Следната недела ќе имаме завршна средба со Таравари, Владата е стабилна и фокусирана на проекти
-
Вандали ја саботирале електричната инсталација во штипската модуларна болница
-
Основната плата во државата не може да биде пониска од минималната плата – Независниот синдикат на полицијата утре излегува на протест
-
Трипуновски: Излегуваме во пресрет на земјоделците, ќе ја направиме проценката за да се обноват површините зафатени од невремето
-
Во Скопје синоќа 92 сообраќајни прекршоци, 50 санкционирани возачи на мотоцикл
-
Најмалку 104 лица го загубија животот, а 28 се повредени во поплави во источниот дел на ДР Конго