Свет
24. May 2025 - 10:07

Украина: Извршен еден од најголемите руски воздушни напади врз Киев

Најмалку осум лица се повредени изминатата ноќ во комбинираниот руски напад врз украинскиот главен град со ракети и беспилотни летала, соопшти градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.

Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, соопшти дека на повеќе локации избувнале пожари, а има и штети од паднати делови од беспилотни летала.

Ноќешниот напад  е еден од најголемите комбинирани руски воздушни удари врз Киев од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, а следува откако во изминатите неколку дена Украинците извршија околу 800 напади со дронови врз Русија, вклучувајќи го и главниот град Москва.

Вчера, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Москва соодветно ќе одговори.