Македонија
8. February 2017 - 14:59

Ученици од Ранковце и Гази Баба градат мостови на пријателство

Во насока на јакнење на меѓуетничката соработка и интеграција на учениците и наставниците, основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ од Ранковце како партнер на ОУ „25 Мај“ од Гази Баба, Скопје се вклучи во проектот „Градиме мостови“.

„Градиме мостови“ е заеднички проект на Министерството за образование и наука, Амбасадата на Кралството Холандија, владите на Швајцарија и Ирска и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и негова цел е да ја зголеми интеракцијата, разбирањето и интеграцијата во училишната средина.

- Проектот е наменет за училишта кои спроведуваат настава на различен наставен јазик, а интегрира заеднички цели, учениците кои учат различни јазици, албански и македонски, во случајов, да споделат заеднички културни придобивки преку заеднички мултикулурни работилници и меѓуетничка соработка со учениците, информира Христина Младеновска, стручен соработник-педагог во ОУ „ХТ.Карпош“, Ранковце.

Со проектните активности кои ќе траат до крајот на учебната 2016/17 година се опфатени по 30 ученици од двете училишта.

- Ние наставниците вршиме поврзување на активностите, со теми кои се универзални, со исти вредности, во смисла на пријателство, како заедничка позитивна вредност која ги спојува сите деца и луѓе воопшто. Истовремено, на работилниците и дружењата посетуваме знаменитости и локации кои се карактеристични за Македонија, убавини и споменици кои се дел од нашата заедничак историја, а сето тоа не не разликува, туку не соединува, истакна Милка Петковска, наставник во ОУ „Х.Т. Карпош“.

Досега се реализирани три заеднички активности за дружење и запознавање на учениците: посета на училиштето во Ранковце со работилници за меѓуетничка соработка, посета на локалитетот Куклица во Кратово и екскурзивно патување во зимско-рекреативниот центар Попова Шапка.

-Во иднина ќе се спроведат уште четири активности, посета на мегалситка опсерваторија Кокино, Старо Нагоричане, Смоларски или Колешински водопади во Струмица и изворот на реката Вардар во село Вруток, Гостиварско, рече Младеновска.

Проектот „Градиме мостови“ ќе финишира со заедничка работилница во вид на приредба во основното училиште „25 Мај“ кон крајот на учебната година.

- Со позитивното искуство стекнато во овој проект веќе сме во фаза на преговори за изработка на сличен проект со нашето партнер училиште „Култура“ од Матејче, додаде Петковска.