Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска во Хаг ја потврди својата посветеност на Членот 5 од основачкиот договор на НАТО и ја поздрави најавата дека сојузниците ќе се обврзат да издвојуваат пет отсто од бруто домашниот производ (БДП) за одбрана.
За време на разговорот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на маргините на дводневниот самит на алијансата, Трамп беше прашан за посветеноста на Членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој ги обврзува сите членки да пружат помош на сојузник чија територија или безбедност е загрозена.
– Со нив сме до крај, изјави Трамп.
Трамп, исто така, ја пофали најавата дека сојузниците ќе го прифатат неговото барање и денеска ќе донесат одлука да ги зголемат издвојувањата за одбрана на пет отсто од БДП, наведувајќи дека тоа е „многу голема вест“.
– Години наназад барам од нив да зголемат на пет отсто и тие одат на пет отсто, тоа е голем скок од два отсто, иако многумина сè уште не плаќаат ни два отсто. Така што мислам дека тоа ќе биде многу голема вест, истакна Трамп.
Руте се надоврза, велејќи дека ова зголемување не би се случило без Трамп.
– Со зголемувањето на пет отсто (од БДП), Европејците и Канаѓаните ќе ги изедначат своите трошоци за одбрана со американските. Тоа не би се случило без претседателот Трамп. Некои би ме критикувале што го кажувам тоа, но кога разговарам со нив, сите велат дека сум во право, наведе Руте.
За време на разговорот со Руте, одржан пред состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC), главното тело на НАТО за донесување политички одлуки, Трамп исто така ги спореди американските напади врз Иран на 22 јуни, во екот на иранско-израелската војна, со одлуката на САД да фрлат атомски бомби на Јапонија во Втората светска војна.
– Не сакам да го користам примерот на Хирошима, не сакам да го користам примерот на Нагасаки, но тоа е во суштина истата работа што ја заврши таа војна. Ова ја заврши таа војна (Израел и Иран), рече Трамп.
Коментирајќи го неговиот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска се очекува на маргините на самитот во Хаг, Трамп рече дека ќе разговараат „за очигледното“ – за проблемите со кои се соочува лидерот на Украина.
– Тој има мали потешкотии. Зеленски, тој е фин човек. Мислам, ќе се сретнам со него денеска. Не знам, претпоставувам дека ќе разговараме за Украина, истакна Трамп.
Тој додаде дека „многу разговарал“ со претседателот на Русија, Владимир Путин, за кого рече дека „всушност бил многу фин“.
Ново на Сител
-
Зеленски и Трамп разговараа за потенцијално заедничко производство на беспилотни летала
-
Прекин во снабдувањето со електрична енергија во дел од централното подрачје на Скопје
-
Путин не може да биде среќен од резултатите од Самитот во Хаг, смета Руте
-
Роналдо му се заблагодари на Пиоли по заминувањето од Ал-Наср
-
Виолетовата медуза повторно присутна во делови на Грција
-
Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана
-
Измени на Законот за воздухопловство, предлог да се зголеми на шест години финансиската поддршка за нови авиолинии
-
Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански „Пулс “