Трамп именува водителка на Фокс Њуз за привремена главна обвинителка на Вашингтон
Американскиот претседател Доналд Трамп ја именуваше водителката на Фокс Њуз и поранешна обвинителка од Њујорк, Жанин Пиро, за привремена американска обвинителка во Вашингтон.
Објавата дојде откако Трамп го повлече својот прв кандидат за таа функција, бидејќи ја изгуби клучната поддршка од републиканците во Сенатот, кој инаку ги потврдува таквите именувања.
Откако Трамп во 2020 година ги загуби изборите од Џо Бајден, Пиро изнесуваше неточни тврдења за изборните резултати, кои подоцна беа дел од тужбата против Фокс Њуз, која ја покрена компанија за изработка на гласачки машини. Тој случај заврши со спогодба во износ од над 787 милиони долари.
Трамп ја опиша Пиро како „моќен борец за жртвите на злосторствата“ во објава на социјалните мрежи во која го најави нејзиното именување. Тој не наведе дали Пиро (73) трајно ќе остане на таа функција.
Во објава на платформата Truth Social Трамп синоќа потсети дека Пиро претходно служела како републиканска окружна обвинителка во Вестчестер, Њујорк, како и дека работела како судијка. Тој ја пофали и нејзината работа на разни емисии на Фокс Њуз, кои ги опиша како „една од најгледаните телевизиски програми“.
Пиро е долгогодишен сојузник на Трамп. Во една од своите последни одлуки за време на првиот мандат, Трамп го помилува нејзиниот сопруг, кој децении претходно беше осуден за затајување данок. Пиро на оваа функција го заменува досегашниот привремен американски обвинител Ед Мартин, поранешен конзервативен подкастер, кого Трамп го именуваше во јануари годинава.
Мартин беше сменет откако републиканскиот сенатор од Северна Каролина, Том Тилис, клучен глас во Сенатот, рече дека нема да го потврди за постојан мандат, бидејќи постои „судир на мислења“ околу ставот на Мартин кон учесниците во немирите на 6 јануари во Капитол.
Тилис оваа недела изјави дека „нема толеранција за никој што влегол во зградата тој ден“. Мартин беше жесток критичар на истрагата за упадот во Капитол. За време на привремениот мандат, тој отпушти обвинители кои водеа случаи против учесниците во немирите.
Трамп во друга објава на социјалните мрежи порача дека Мартин ќе остане во Министерството за правда и ќе води „работна група за истражување на злоупотреба на овластувања“, која се занимава со истраги против службеници кои го истражуваа Трамп.
Откако повторно ја презеде должноста претседател, Трамп помилува и ги запре кривичните гонења против учесниците во немирите на 6 јануари, кога неговите поддржувачи насилно упаднаа во Капитол за да се обидат да ја спречат потврдата на победата на Бајден на изборите во 2020 година.
Ново на Сител
-
Министерството за правда на САД објави сведоштва на партнерката на Епстајн, но не и списокот на клиенти
-
Популацијата во Грција се намалила за околу 500 илјади лица во периодот 2011-2024 година
-
Железничкиот сообраќај во Црна Гора во прекин поради штрајк на диспечерите
-
Во Скопје е пронајдена малолетничката за која беше пријавено дека била одземена од Охрид
-
Кандидатите на локалните избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми
-
Приведени три лица за управување возило под дејство на алкохол
-
Приведен 36 годишник, возел со 252 километри на час на место каде е дозволено 120
-
Приведена 22 годишна прилепчанка, при претрес на нејзиниот дом најдена е дрога