Македонија
13. јуни 2016 - 15:03

Трагедија ја потресе Македонија: Замина на печалба во Италија - дома се врати мртов

Во трагична несреќа  во Италија, Делчево изгуби уште еден млад живот. Во италијанската Ламора во областа Алба,  46-годишниот Ѕвонко Петков , пред една недела, како и секој свој работен ден со тракторот со прскалка, работел на нивата, но тракторот се превртел и Ѕвонко се здобил со тешки повреди. Со хеликоптер  бил итно префрлен на клиника во градот Куено, каде што и починал.

Оваа трагична сцена од крајот на животот на делчевскиот печалбар , денеска со нас ја споделија  неговите пријатели кои, видно вознемирени, не сакаа да зборуваат пред камера, но потврдија дека неговото тело денеска стигнало во родното Делчево.

Делчевци се во шок и тага.Тие што го познаваа велат дека Ѕвонко со семејството 16 години живеел и работел во Италија и дека бил добар и вреден човек:

„Ние ги сретнавме во 2009 година во Италија кога бевме и многу се фалеше, убаво им било, ќерката им заврши факутлтет, а синот учи за пилот“ , вели  жителка на Делчево.

Трагедиите со делчевските иселеници се секогаш болни за сограѓаните.Тие се сеќаваат на животите изгубени во Минхен во Чикаго, многу по Италија и Швајцарија.

„Ова е многу жално, млад човек да загине, без разлика дали загинал овде или во тугина сепак е многу тажно“ , рекоа граѓаните на Делчево.

Фирмата каде што работел Ѕвонко ги платила трошоците за транспортот на телото, а погребот ќе се изврши утре на градските гробишта во Делчево.

Инаку, во моментов околу 2000 жители од крајниот исток се на сезонска работа по италијанските и швајцарскте лозја. Колку има иселени по европските држави не се знае, но факт е дека над 30% од жителите на Делчево живеат и работат во туѓина.