Тесла ќе гради станица за полнење електрични автомобили во Македонија
Калифорниската компанија Тесла ќе гради станици за полнење електрични автомобили во Југоистична Европа вклучувајќи ја и Македонија.
Компанијата на милијардерот Илон Маск најави изградба на таканаречените суперчаргери во шест земји од регионот до крајот на оваа година. По три станици ќе се градат во Романија и Србија, а по една во Бугарија, Босна и Херцеговина, Македонија и Молдавија.
Овие станици овозможуваат неколкукратно побрзо полнење на електрричните авотмобили од вообичаените станици. Тесла веќе има поставено 5400 вакви полначи ширум светот, а во регионот три има во Словенија и две во Хрватска, каде најави дека ќе постави уште четири.
Целта е во претстојниот период да го зголеми вкупниот број на 10 илјади со цел да овозможи патување на што подолги далечини.
Маск ја осниваше Тесла во 2003. Освен електрични автомобили произведува батерии за складирање соларна енергија, како и резиденцијални соларни панели. Иако има неспоредливо мала продажба, брендот ужива голема доверба кај инвеститорите, па неодамна ги надмина Форд и Џенерал Моторс како највредна автомобилска компанија во САД.
Во Македонија, како дел од мерките за намалување на загадувањето, се предвидоа даночни олеснувања и субвенции до 5000 евра за купување електричен автомобил.
-
Филип Момировски
Сите содржини од овој новинар