„Тајната во нивните очи“ од Едуардо Сачери објавена на македонски јазик
Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје го објави романот „Тајната во нивните очи“ на аргентинскиот писател Едуардо Сачери. Преводот од шпански јазик е на Дарко Цветаноски.
„Тајната во нивните очи“ на Едуардо Сачери е роман во кој низ очите на главниот лик Бенхамин Чапаро, судски службеник од Буенос Аирес, е раскажана приказната која оставила најголема трага во неговиот живот.
„Њујоркер“ за романот пишува дека е „интригантен и возбудлив трилер од Аргентина, кој ги проби границите на државата и на континентот, и доби светско признание. Истовремено криминална приказна и приказна за една неостварена љубов.“
Филмската адаптација на овој роман ја доби наградата Оскар за најдобар странски филм во 2010 година. Сачери, заедно со режисерот Хуан Хосе Кампанеља, е сценарист на филмот. Во 2015 година овој роман доби уште една екранизација, овојпат во холивудска продукција.
Романот е преведен на повеќе јазици, меѓу кои и на англиски, португалски, италијански, француски, германски, кинески, полски, унгарски, бугарски и српски јазик.
Едуардо Сачери (1967, Буенос Аирес) е аргентински писател. Дипломиран историчар, работи како професор по историја. Почнал да пишува во средината на 90-тите години на минатиот век. Автор е на неколку романи и книги со раскази. Негови попознати дела се „Чекајќи го Тито и други фудбалски приказни“ (2000); „Те познавам, Мендисабал и други раскази“ (2001); „Тајната во нивните очи“ (2005, роман); „Старец кој станува на нозе и други раскази“ (2007); „Араос и вистината“ (2008, роман) и „Хартии во ветрот“ (2011, роман). „Тајната во нивните очи“ е прво негово дело објавено на македонски јазик.
Ново на Сител
-
Пресуда за криминалната група од Грчец
-
Мицкоски: Извештајот на ГРЕКО е признание за напорите на владата во борбата против корупцијата, ќе продолжиме уште пожестоко
-
Државниот Завод за Ревизија одржа конференција за финансиска отчетнос на изборите
-
Нуркањето привлечно за туристите
-
Екоактивисти во Струмица маршираа против загадувањето од депонијата Шапкар
-
Преглед на вестите од светот
-
Македонија не е мизерна и нема да пропадне ако не влезе во ЕУ, кажа хрватскиот претседател Милановиќ
-
Тема на денот со Татјана Стојаноска Иванова, професорка на Институтот за социологија