Македонија
1. October 2018 - 11:43

Светски медиуми: Граѓаните „За“, одѕивот низок

Светските медиуми во своите извештаи за вчерашниот референдум во Македонија, ги акцентираат високата поддршка за членството во НАТО и ЕУ и Договорот со Грција, но и ниската излезеност на граѓаните. 
 
„Тајм“ објавува дека референдумот за менување на името на Македонија како дел од договорот што ќе го отвори патот за членство во НАТО, доби огромна поддршка, но нискиот одѕив на гласачите ги истакна пречките што и натаму остануваат на земјата за влез во Алијансата.

- Противниците на промена на името повикаа на бојкот на гласањето и славеа на улици надвор од Парламентот, кога бројките беа објавени, извикувајќи слогани и мавтајќи со знамиња. Сепак, Заев го прогласи гласањето за успех, наведува „Тајм“.

Вашингтон пост пишува дека Македонија вчера се сврте кон политичка криза откако референдумот за договорот што ќе ја отвори вратата за НАТО и ЕУ членството падна поради недостигот од потребен одѕив, зголемувајќи ја можноста земјата да биде блокирана од тие западни клубови во наредните години.

- Кампањата беше внимателно следена од страна на водачите на Кремљ и западните земји, кои го гледаа гласањето како сигнал за геополитичката насока на Балканот во време кога земјите од Русија и НАТО жестоко се натпреваруваат за влијание во Европа, oбјавува „Вашингтон пост“.

Си-Ен-Ен во своите извештаи од Македонија пренесува дека имаше низок одѕив на референдумот за промена на името, во услови на кампања со дезинформации.

- И покрај тоа што властите го поставија прагот на одѕив на 50 отсто, референдумот е консултативен, што значи дека премиерот Зоран Заев може да го активира процесот на уставни амандмани за преименување на Македонија, без оглед на исходот, јавува Си-Ен-Ен.

Јуроњуз објавува дека ниската излезност формираше облаци над Македонија каде гласачите со големо мнозинство рекоа „Да" на референдумот.

- Премиерот Заев се уште вели дека е решен да ја однесе Македонија во Европската унија и НАТО и го нарече референдумот „успех за демократијата", откако беа затворени гласачките места. Заев сега ќе побара да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство од Парламентот со 120 места до следната недела, за уставни измени и крај на деценискиот конфликт со соседот Грција. Ако не успее, премиерот Заев рече дека единствената алтернатива би била да распише предвремени избори, пренесува Јуроњуз.

„Њујорк тајмс“ пишува дека двете страни тврдат оти победиле на гласањето во Македонија за промена на името. Резултатите од референдумот во Македонија во неделата за промена на името на земјата беа строго неубедливи - водејќи ги двете страни да бараат победа. Но, само 36,5 отсто од гласачите со право на глас излегоа на гласање. Со толку низок одѕив, добивањето на потребната поддршка од македонскиот Парламент би можело да биде тешко, оценува „Њујорк тајмс“.

„Волстрит џурнал“ објавува дека нискиот одѕив на гласачите ги доведува до сомнеж резултатите од референдумот на кој македонските гласачи со големо мнозинство го поддржаа договорот за промена на името на земјата во Северна Македонија, со што се расчистува патот за земјата да се приклучи на најмоќните клубови на Западот.

- Резултатот е удар за САД и ЕУ, кои сакаа посилна јавна поддршка таму. Запад гледа на влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО како витален чекор за стабилизирање на регион во кој Западот и Русија се повеќе се борат за влијание, наведува „Волстрит џурнал“.