Македонија
28. December 2024 - 18:55

Судот му го одзеде пасошот на Јован Деспотовски по прифатените мерки на претпазливост

Основниот Кривичен суд го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, му определи мерки на претпазливост одземање на патната исправа и повремено јавување во судот.

Претходно, од Обвинителството соопштија дека надлежниот јавен обвинител доставил предлог до Основниот кривичен суд Скопје за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост за поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, за кого се води истрага за злоупотреба на службената положба.

Како што информираа од Основното јавно обвинителство Скопје, во тек се активности од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција

-Основното јавно обвинителство Скопје против наведеното лице води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител достави предлог до Основниот кривичен суд Скопје за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост. Во тек се активности од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Двете институции ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа, стои во соопштението од ОЈО.

Дел од медиумите денеска објавија дека Деспотовски бил приведен за наводна проневера на два милиона евра во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Штип, по што тој демантираше дека веста не е точна.

-Во врска со информациите кои се појавија во јавноста за наводно приведување сакам да ја информирам јавноста дека сите наводи за такво дејствие се неточни.Објавената информација од дел од медиумите ја сметам за намерно или ненамерно дезинформирање на јавноста. Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации, стои во демантот.