Македонија
12. March 2016 - 11:51

Струмица ја продолжува вековната карневалска традиција

Синоќа во рамки на карневалските случувањеа во Струмица се одржа традиционалниот маскембал на кој Никола и Наташа Илиеви беа избрани да бидат принцот и принцезата кои ќе ја предводат вечерашната меѓународна карневалска поворка. Струмица ја продолжува вековната традиција, изјави струмичкиот градоначалник и претседател на СДСМ Зоран Заев, кој беше гостин на настанот.

- Струмица ја продолжува вековната традиција, 25 години организирана форма на карневал. Вечерва, имате можност да се запознаете со прекрасните креации на струмичани кои со многу труд и голема љубов ја негуваат традицијата која потекнува од нашите поколенија. Тримерските обичаи се нешто со што се гордеат струмичани. Очекувам годинава да биде врв на организацијата на Струмичкиот карневал, изјави Заев.

За разлика од претходните години, оваа година изостана маската кај градоначалникот на Струмица.

- Истовремено сум и политичар. Во моментов водам пресериозен процес во Македонија. Маската понекогаш претставува криење од реалноста. Во духот на традицијата сум гостин на маскембалот, но без маска, рече Заев.

Инаку, вечерва во 18.30 од центарот на Струмица ќе тргне главната карневалска поворка, на која се очекува да продефилираат над две илјади карневалисти од Македонија и од странство.