Стручната фела очекува наскоро да профункционира Законот за употреба на македонскиот јазик
Една година по усвојувањето во Собранието (26 јануари 2024) и неговото објавување во Службен весник три дена подоцна, Законот за употреба на македонскиот јазик сѐ уште не се применува односно не е формиран инспекторат за негово спроведување. Тоа е и меѓу најважните одредби во новиот закон кој треба да го замени претходниот од 1998 година.
Инспекторатот за македонскиот ќе биде со извршна моќ и ќе може да спроведува инспекциски надзор за тоа како се употребува македонскиот јазик, дали е според Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик.
Од декември 2024 е формиран нов состав на Советот за македонски јазик, стручно советодавно тело на Владата. Неговата претседателка, проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, очекува наскоро да се формира инспекторатот затоа што и Советот, рече, има некои барања што ќе ги достави до инспекторатот - за надзори во однос на правилната употреба на македонскиот јазик во институциите, вработеноста на лекторите, состојбата во издавачките куќи, јазикот во медиумите итн.
Како што рече, по донесувањето на законот минатата година, беа распишани изборите во државава и поради тоа стопирано објавувањето конкурс за избор на директор на инспекторатот како правен субјект. На новинарско прашање зошто застојот сѐ уште трае, таа одговори дека од информациите што ги има, одолговлекувањето веројатно се должи и на промената на називот на Министерството за култура во Министерство за култура и туризам.
- Колку што ми е мене познато, законите во кои е споменато Министерството за култура се менуваат во делот на насловот на Министерството, кое сега е Министерство за култура и туризам. И тука е малку блокирана работата во смисла што Министерството за култура, ми се чини, дека три месеци не издава лекторски лиценци во очекување на поминување на законите кои се однесуваат на Министерството за култура и туризам, по ново. Така што, тука веројатно е настаната некоја блокада. Се надевам дека тоа наскоро ќе се разреши и ќе може да се формира тој инспекторат, рече Груевска-Маџоска.
Претходниот претседател на Советот за македонскиот јазик, проф. д-р Људмил Спасов изјави дека нема информации зошто не профункционирал Законот за употреба на македонскиот јазик. Како што рече, нема конкретни информации за причините, но смета дека е „крајно време“ да се одржи некоја работилница од која од повеќе организации ќе се апелира за нефункционирањето на законот.
-Како еден од авторите, тогаш бев претседател на Советот за македонски јазик, тоа што не профункционирал мене, да речам најслободно, ме нервира и мислам дека е една многу непријатна ситуација. Се надеваме дека ќе профункционира во најскоро време. Луѓето го чекаа овој закон. Тој закон помина неколку јавни расправи, се дополнуваше, се менуваше итн. И на крајот со големо мнозинство гласови беше прифатен од Собранието и се објави во Службен весник, рече Спасов во Институтот „Крсте Мисирков“ каде што денеска беше промовирана неговата научна книга „Особености на граматичката категорија преодност на глаголите во македонскиот јазик“.
Наскоро да почне да се употребува новиот закон за употреба на македонскиот јазик очекува и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска. Според неа, со неговата примена ќе се помогне за поголем интерес за студирање на македонскиот јазик.
-Потоа, нашите колеги што можеби децении работат на несоодветни работни места, а имаат положено лекторски испит, ќе можат, конечно, да влезат и да работат на струката. Тука е и потребата од институционална заштита на македонскиот јазик итн. Верувам дека наскоро ќе почне употребата, рече Јованова-Грујовска.
Ново на Сител
-
Интереплација на власта за членовите од Судски што ги избрало Собранието
-
Судски совет ќе испитува грешка кај судијката која за продажба на дрога одредила казна поправен дом
-
Објавени огласи за 47 обвинители и 50 судии: Ќе се пополни ли дупката во обвинителствата?
-
Притвор 30 дена за екс директорот на СОЗР Пеце Мирчевски
-
Утре повторно бојкот на маркетите, министерот за економија најави нови мерки
-
Мицкоски: Одлуката на Уставен е конечна, ќе најдеме решение поединечно со компаниите
-
Се мапираат локалните предизвици
-
ИЈЗ: За една недела има над 3000 болни од грип – пријавени и два смртни случаи