Македонија
7. November 2019 - 11:50

Стаменковска-Стојковски: Власта носи непопуларни закони по скратена постапка

Повторно сме сведоци на парламентарното насилие од страна на оваа власт и носење на непопуларни закони по скратена постапка.

Вчера во Собранието на Република Македонија беше усвоена скратената постапка за измените на законот за административни службеници.

Со овие измени на законот за административни службеници ќе се изврши класичен поткуп на граѓаните вработени во државната администрација во овој предизборен период. Со овие измени ќе се вршат уцени и поткуп на вработените само со цел да гласаат за СДСМ и ДУИ на претстојните избори. И најтрагично од се, тоа што ќе се изврши целосна партизација на државните службеници.

Со овие измени на законот се предвидува одредена група на помошно стручните државни службеници доколку завршиле високо образование, раководното лице да може да им ја покачи платата во рок од 4 години од донесување на овој закон. И доколку некое од овие лица исполнува услови да може да биде распоредено на повисоко работно место само по негово барање и нормално, доколку раководното лице го одобри тоа.

Сето ова ќе се прави надвор од законските процедури, без објавување на оглас како што предвидува законот, без да се даде еднаква можност на сите кои исполнуваат услови да конкурираат, без уредена постапка, заобиколувајќи ги соодветните фази во постапката за унапредување.

За тоа кој службеник, кога ќе му биде покачена плата или ќе биде унапреден ќе одлучува ексклузивно раководното лице во институцијата. Со тоа ќе видиме како на партиските војници на оваа власт први ќе добијат покачување на платите и унапредувања, а останатите ќе бидат уценувани да гласаат за оваа власт на претстојните избори само за да добијат минимално покачување на плата надвор од законските процедури.

Овие измени на законот за административни службеници се целосно спротивни на член 32 од Уставот на РМ кој предвидува дека „Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“ и комплетно ги дерогираат одредбите од овој закон кои ги уредуваат пополнувањето на работните места, унапредувањето, начелото на еднакви услови, еднаков пристап до работно место, соодветна и правична застапеност и начело на стручност и компетентност.

Ние како пратеничка група ја повикуваме власта да го повлече овој закон и заеднички да изнајдеме решение кое ќе биде за сите административни службеници и кое ќе биде во согласност со уставот и позитивните законски прописи во држава.

Потенцираме дека ова што го прави оваа власт нема никаква шанса да стане законско решение бидејќи истото е класично замајување на една категорија вработени во државната администрација и дека Уставниот суд веднаш ќе го укине.

Апелираме до пратениците од парламентарното мнозинство предводени од СДСМ да се вразумат и да не ги користат државните службеници во нивните предизборни игри и да го повлечат овој манипулативен, противуставен и дискриминаторски закон.