Пензионери на протест пред Уставниот суд
Стотина пензионери протестираа пред Уставниот суд. Побараа да не им се укинува линеарното зголемување на пензиите.
Велат дека ако остане процентуалниот модел само ќе се зголемува поделбата меѓу пензионерите. Според нив, разликата меѓу највисоката и најниската пензија сега е 1 спрема 7, и ако растот е по проценти, таа ќе биде уште поголема.
„Нашата борба денес не е само за оваа група пензионери. Туку и за идните генерации кои ќе бидат пензионери. Да бидат со чест и достоинство. Да не се случи утре да немаат корка леб да јадат, лековите да не можат да си ги купат. Па тоа нели е срамота? Досега години наназад беше со процентуалното, по 500, 600, 700, 800 денари. Меѓутоа гледате какво време доаѓа, гледате инфлација“ - Зоран Трајков
„Пензионерите бараат социјална правда. Повеќето се со ниски пензии затоа што биле технолошки вишок, стечајни работници, платени со минимално 4 часовно работно време“- Крсто Митев
Од Уставниот суд минатата недела кажаа дека одлука се уште нема, затоа што се собираат мислења. Првото линеарно, на двапати по 2.500 денари воопшто нема да се разгледува.
Директорот на фондот за пензиско, пак, синоќа во Тема на денот рече дека исплатата не е загрозена. Пари има и пензионерите редовно, како и досега, ќе си ги земаат пензиите.
Инаку од лани досега, пензиите се зголемени за 6 илјади денари, исто за сите пензионери.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
