Македонија
8. November 2018 - 15:52

Средба на Жерновски со државниот секретар на полското МНР

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, денеска оствари средба со државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Полска, Симон Шинковски.

Како што соопшти МНР, посетата на државниот секретар Шинковски на Скопје, е во својство на владин координатор и подготовка на претстојниот Самит на земјите вклучени во Берлинскиот процес што ќе се одржи во јули 2019 година во Познан, Полска. Полска  е значаен партнер и поддржувач на напредокот на регионот на Западен Балкан, за што сведочи и интересот за организација на Самитот на Берлински процес во 2019 година.

Жерновски го поздрави силниот ангажман и посветеноста кон подготовките, особено интерактивноста со земјите од Западен Балкан во врска со темите на Самитот. На средбата се разговараше и за евроинтегративниот процес на Македонија, а Жерновски ги презентираше тековните внатрешно-политички процеси, со фокус на реформските активности во насока на реализација на стратешките цели за членство во Европската унија и НАТО, како врвни надворешно политички приоритети и очекувањата за почеток на пристапни преговори во 2019, се наведува во соопштението.

Развојот и унапредување на добрососедските односи и пошироката регионална соработка беа потврдени како клучни аспекти на македонската надворешна политика.

Државниот секретар на МНР на Полска, го поздрави проактивниот пристап, активното учество во предлог-иницијативите и во спроведувањето на заклучоците за секој од Самитите од страна на Република Македонија.

Истакна дека политичко-безбедносната, економската димензија, како и вклученоста на младите и поширокиот граѓански сектор, остануваат во фокусот на Самитот. Тој ја реафирмираше полската поддршка на проширувањето на земјите од Западен Балкан која силно ќе биде апострофирана и преку својството на домаќин на Самитот.