Loading Video...
Спорт плус
5. јуни 2020 - 20:04

Спортско затишје до август

 
Целосно затишје на македонската спортска сцена по одлуката да се прекинат фудбалското и одбојкарското првенство.  Доколку дозволи развојот на пандемијата со Ковид-19 тогаш може првите спортски возбудувања во Македонија да ги следиме во месец август кога ќе  стартуваат новите шампионати во фудбал и ракомет . 
Пандемијата  предизвикана од коронавирусот направи големи проблеми и штети во македонскиот спорт.  Сите екипни шампионати се прекинати без да го доживеат својот крај.  Нема прогласување на шампиони.  Федерациите најавија дека ќе има само европски настапи и тоа според моменталниот пласман.  
Ќе биде голема среќа доколку  одисејата на македонскиот спорт заврши тука без нови прекини и одложувања поради  пандемичната криза. 
Финансиските и сите останати штети од овој прв удар врз спортот очигледно се големи и во наредниот период очекуваме и официјални бројки од клубовите и федерациите.  За жал голем удар ќе претрпат и спортистите, нивните кариери, финансиски договори доколку овој удар се повтори до крајот на годината како што предвидуваат светските здравствени работници. 
Особено ништо не е јасно во нашата држава каде пандемијата деновиве руши рекорди.  Според најавите фудбалот и ракометот би требало да стартуваат во месец август. Претходно се разбира со дозвола на здравствените власти ќе течат подготовки и контролни средби а ќе треба и дозвола за бројните турнири и пливачки маратони. 
Пред нас се два месеци во кои ќе трае консолидацијата на спортските колективи.  Финансискиот притисок е голем и тој треба да се издржи.  Голем број клубови не успеаја да обезбедат средства од спонзорите преку државните ваучери поради  се потешката состојба во стопанството .  Вистински потег од државната агенција би било покривањето на овие ваучери со предвидените пари од буџетот со што клубовите би се нашле во добра стартна позиција за продолжување на своите бројни активности на домашната и меѓународната спортска сцена.