Сочувство од Димитриев до Валс за терористичкиот напад во Ница
Претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев испрати телеграма со сочувство до францускиот премиер, Мануел Валс и до семејствата на жртвите во терористичкиот напад во Ница.
- Со згрозеност ги примив вестите за терористичкиот напад во Ница, во кој на особено суров начин животите ги загубија голем број на лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на тага, дозволете ми да изразам сочувство до Вас и до семејствата на жртвите на овој брутален напад, а на повредените да им посакам брзо закрепнување, се наведува во телеграмата.
Жалам што Република Франција и францускиот народ, како што вели Димитриев, повторно се жртва на монструозен терористички акт и што повторно плаќаат висока цена во борбата против тероризмот, кој се профилира како најголемата закана за целото човештво во дваесет и првиот век.
- Извршувањето на терористичкиот напад на Денот на Бастиља е обид за сквернавење на духот на Француската Република и на вредностите на кои се темели истата. Овие вредности се основ на државното и општествено уредување на бројни земји во светот и оттука е неопходно сите да покажеме солидарност со францускиот народ. Република Македонија како и до сега, ја дава целата своја поддршка во борбата против тероризмот и во целост застанува зад Француската Република во напорите да му се застане на патот на ова зло, подвлекува Димитриев.
Македонскиот премиер, како што наведува во телеграмата, му посакува на францускиот народ брзо да ги залечи раните од овој напад и да излезе уште пообединет и поединствен во надминување на безбедносните предизвици.
- Изградбата на подобар, поправеден и побезбеден свет е невозможно без француската поддршка и затоа е неопходно истата да продолжи со несмален интензитет, вели Димитриев.
Ново на Сител
-
Нетанјаху: Новата офанзива во Газа ќе биде жестока и долгорочна
-
МОН: Стипендии за поттикнување средношколци да се запишуваат на студиски програми по македонски јазик
-
Вучиќ се враќа во среда на своите работни обврски
-
Агелер со честитка за Денот на македонскиот јазик
-
Кривична против двајца поранешни вработени во МВР за злоупотреба на службената положба
-
Сиљановска Давкова: Апсолутно нема потреба од предвремени парламентарни избори
-
Возач со „БМВ“ во Чаир фатил малолетник за рака и го влечел по коловозот
-
13-годишно девојче во Аеродром била физички нападната од четири малолетнички