Собранието донесе повеќе закони по скратена постапка
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на продолжението на 96. седница, а потоа и на 97. седница донесе повеќе закони по скратена постапка.
Во рамки на 96. седница пратениците ги изгласаа измените на законите за отворените граѓански универзитети за доживотно учење, за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, за стручно образование и обука, за Државниот испитен центар, за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование и за Педагошката служба.
Пратениците во продолжение на 97. седница ги донесоа и измените и дополнувањата на законите за слободен пристап до информации од јавен карактер, за здруженија и фондации, за спортот, за медијација, за матичен број, за гранична контрола, за оружјето, за личното име, за азил и привремена заштита, за детективската дејност, за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, за приватно обезбедување, за државјанството на Република Македонија, за патните исправи на државјаните на Република Македонија, за личната карта и за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Независната пратеничка Солза Грчева предложи Собранието да организира јавна дебата за мигрантската криза која, како што рече, се претпоставува дека допрва ќе се интензивира во Македонија. Тоа според неа го покажува и фактот што одделението за азил станува сектор за азил, што е една поголема организациска единица.
Законот за организација и работа на органите на државната управа треба да се изгласа со двотретинско мнозинство, кое што на оваа седница не беше обезбедено.
Претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски овде ја прекина седницата и најави дека дополнително ќе биде закажана.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се поблиску до владина коалиција
-
Продолжува претседателската кампања
-
Продолжува парламентарната кампања
-
Детектор: Близу 60% од граѓаните ќе гласаат на изборите - кампањата не влијаела на нивната одлука
-
23 години од масакрот кај Вејце
-
Приватните специјализанти освен повисоки плати и здравствено осигурување бараат и системски решенија
-
Транспортерите од Западен Балкан чекаат по 10 часа на граница за влез во Унијата