Македонија
2. March 2016 - 11:19

СЈО бара подобра соработка од институциите

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите соопшти дека e побарано одлагање на главната расправа за предметот Пуч, поради тоа што до денеска Судот не постапил по нивното барање.

- Првото наше барање кон Судот за достава на копии од списи и електронски докази е упатено на ден 21.12.2015 година и е прецизирано со барање од 09.02.2016 година.  Барањето е поднесено во смисла на членот 81 од ЗКП, кој ја уредува меѓуинституционалната соработка. Судот и по две наши ургенции со кои е укажано на неопходноста од доставување копии, дури на 29.02.2016 година донел Решение со кое го одбива нашето барање за доставување копии на списи и електронски докази. Ваквото решение е обжалено, од причина што сметаме дека наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани. Со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да ги предочиме на обвинетите лица. Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлекувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа, се вели во денешното соопштение од СЈО.

Освен со начинот на постапување во предметот Пуч, Основниот суд Скопје 1 Скопје, како што стои во соопштението од СЈО, ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети за кои побарале да им бидат доставени на увид, поради што до Судскиот совет на Република Македонија ќе поднесат претставки за ваквото работење на Судот.

- За соработка со ова Јавно обвинителство од страна на бројни институции се наметнуваат нови правила, се одбива да се постапи во роковите определени од јавниот обвинител и се изигруваат законските одредби кои пропишуваат обврска за соработка со јавното обвинителство при разоткривање на криминалот. Воедно определени јавни службеници и државни функционери, наместо да соработуваат со ова Јавно обвинителство и да ја почитуваат обврската за пријавување кривични дела се ставаат во функција да ја отежнат работата на ова Јавно обвинителство и да го прикријат криминалот, се додава во соопштението.  
    
Од институциите кои одбиваат соработка со ова Јавно обвинителство, од СЈО ги наведуваат Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени министерства, како и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. 
    
СЈО најавува дека поради, како што е наведено, неконзистентна пракса на работењето на Управниот суд ќе бидат поднесени претставки до Судскиот совет на Република Македонија.

- Ние упативме барање до Основното јавно обвинителство Скопје и  Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за доставување предмети со цел да се произнесеме за надлежност врз таквите предмети. Иако членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е јасен, сепак, овие две обвинителства не ни ги доставија предметите. Појаснуваме дека Основното јавно обвинителство Скопје надвор од сите законски одредби предметите ги доставило до Советот за јавни обвинители, тврдејќи дека се работи за предмети кои не се поврзани ниту произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, додека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за дел од предметите кои се побарани воопшто не постапило по нашето барање и во рок од осум дена ниту не известило, ниту предметите ги доставило до ова јавно обвинителство. Единствено сме известени дека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по барање на Советот на јавни обвинители, таму го доставило предметот „Маѓар Телеком“. Појаснуваме дека ниту една друга институција нема на увид со какви се разговори ние располагаме и во оваа насока единствено ние можеме да се произнесеме дали одредени предмети се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се наведува во денешното соопштение од СЈО и додаваат дека ќе бидат поднесени претставки за работа на овие две обвинителства до Советот на јавни обвинители.

Од СЈО предлагаат измени на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – попречување на правдата, кое ќе биде во главата на кривични дела против правосудството.

Посочуваат дека продолжува трендот на интерпретирање на работата на ова Јавно обвинителство во насока на реализација на дневно политички цели, при што повторно укажуваат дека ова Јавно обвинителство е професионална и независна институција чиј единствен фокус е борбата против криминалот.

Во оваа насока, како што посочуваат, во СЈО започнати се нови 15 предистражни постапки кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

- Во тек и се другите предистражни постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство. Во рамки на една предистражна постапка, по издадена наредба од Судија, одземени се предмети кои можат да послужат како доказ во кривичната постапка и оваа предистражна постапка продолжува, стои во соопштението од СЈО.