Македонија
25. јуни 2024 - 16:38

Ибраимовски демантира дека им се заканувал по живот на уставните судии

Самка Ибраимовски не им се заканувал на уставните судии по живот- тврди дека статусите што ги пишува на Фејсбук против Уставниот суд откако дозволија извршителите да продолжат да наплаќаат долгови, се негово демократско право.

Најразочаран вели бил од поранешната колешка пратеничка, а сега уставна судијка Ана Павловска Данева, што го пријавила во полиција дека наводно тој сакал да изврши убиства на уставните судии, пред да го праша зошто ги пишува фејсбук статусите. 

По пријава од претседателот на Уставниот суд, за закани по живот и безбедност на судија во уставен, синоќа Ибраимовски беше повикан на информативен разговор во СВР Тетово. 

- МВР веднаш презеде соодветни мерки и во текот на вчерашниот ден е извршен службен разговор со С.И. По целосно документирање на случајот, Секторот на компјутерски криминал при МВР ќе поднесе соодветна пријава до ОЈО, за што соодветно ќе ја информираме јавноста, стои во соопштението на МВР.

Лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, беше предлагач на Законот за извршување и на Законот за облигациони односи со кои се предвидуваше долговите што ги имаат граѓаните повеќе од 10 години да застарат, но и дека каматите на извршителите не смеат да бидат повисоки од главниот долг. Пред неколку дена Уставниот суд поведе постапка за законот за облигациони односи. Се сомнева дека е неуставен законот со кој извршувањето застарува после 10 години, иако во јануари истиот суд одлучи да не поведе постапка за овој закон.