Синдикатот на културата утре излегува на протест
Синдикатот на културата утре излегува на протестен собир пред ресорното министерство. Разочарани од односот поради кој 3000 работници за велигденските празници останаа без плати. Револтот е уште поголем што истото се повторува секоја година. Покрај ова не се откажуваат и од поднесување тужби за непочитување на колективните договори.
Министерот за култура пред два дена преку социјалните мрежи им се извини на вработените за доцнењето со ветување дека ќе ги добијат платите заедно со зголемувањето на почетокот на оваа недела. Љутков појасни дека причина за доцнењето е усогласувањето на платите со Министерството за финансии.
Ова објаснување според опозицијата не е доволно. СДСМ денеска бара оставка од Љутков поради како што велат хаосот во културата. Покрај ова бараат и повлекување на срамните изјави за приватизација на културното наследство и итна исплата на мартовската плата за сите вработени во овој сектор.
Кога СДС зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека го изгаснал пожарот, им возврати ВМРО-ДПМНЕ
Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци, стои во реакцијата на владејачката партија.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар