Македонија
1. December 2025 - 16:35

Синдикатот на Клинички не се согласува со најавите на министерот за прераспределба на медицински персонал

Прво да се спојат Клиниките во една целина и да се направи долгорочна -минимум 10 годишна стратегија за здравството, па тогаш да се размислува за внатрешна реорганизација и прераспределба на медицинскиот персонал. Синдикатот на Клинички не се согласува со најавите на министерот Азир Алиу со законски измени здравствени работници во зависност од потребите да бидат префрлени да работат од една во друга установа. 

- Секоја реорганизација мора да се темели врз реални потреби, систематизации и долгорочна национална стратегија за развој на здравствениот систем, но дури по интеграција на клиниките од кампусот „Мајка Тереза“, а потоа во согласност со потребите и систематизираните работни места да се прават кадровските распоредувања, изјави Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клинички.

- Не постои зависен механизам за да се направи прераспределба кој каде треба да биде префрлен да работи. Во вакви ситиации  можни се и злоупотреби, рече Гордана Димеска, Синдикат на Клинички.

Од Синдикатот на Клинички сметаат дека бројките кои беа презентирани од страна на министерот за застапеноста на кадарот во јавното здравство не се еквивалентни бидејќи некои лекари работат со скратено работно време, други биле пред пензија и со тоа дополнително ќе се нарушела стабилноста на здравствениот систем.

Проблем според нив е и намалениот број на вработени во Заеднички служби, кои од 2023 –та чекаат потпишување на Анекс за да добијат зголемување на плата.

- Ваквото одлагање создава правна и економска несигурност, демотивација и нарушување на професионалната стабилност на вработените во ЈУЗ, изјави Михајло Здравковски, претставник на Синдикат на “Заеднички служби”.

Синдикатот на клинички инсистира и да се заштити јавното здравство. Преку различни механизми да се ограничи “откупувањето” на кадар од приватните болници за кои претходно државата вложила во нивно образование и обуки.