Швајцарија ќе му даде имунитет на Путин ако дојде во земјата на мировни преговори
Швајцарија ќе му даде имунитет на рускиот претседател Владимир Путин и покрај обвинението од Меѓународниот кривичен суд, под услов да дојде во земјата за да одржи мировна конференција, изјави денеска швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.
Минатата година, федералната влада ги утврди „правилата за доделување имунитет на лице за кое е издадена меѓународна потерница“, имено: „доколку такво лице дојде на мировна конференција, а не ако дојде од лични причини“, рече швајцарскиот министер за надворешни работи на заедничката прес-конференција со својот италијански колега Антонио Тајани во Берн.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја покрена можноста за мировни преговори меѓу Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски во Европа.
-Мора да биде во неутрална земја, затоа, можеби, во Швајцарија, рече тој, додавајќи дека ќе се залага состанокот да се одржи во Женева, каде што се наоѓа европското седиште на ОН.
Касис рече дека е целосно подготвен да биде домаќин на таков состанок и го истакна искуството на Швајцарија во оваа област, но рече дека Русија ја игнорира Швајцарија.
Швајцарија, исто така, одлучи да ги спроведе санкциите усвоени од Европската Унија по целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.
-Ја изразив оваа желба (да бидам домаќин на состанок) неколку пати за време на моите контакти со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во последните месеци. Ми беше кажано дека Швајцарија ги прифатила европските санкции, па природно ја изгубија желбата да го сторат тоа во Швајцарија, додаде Касис.
Тој, исто така, наведе неодамнешен преседан – за време на Меѓународното парламентарно собрание, кога претседателката на горниот дом на рускиот парламент, Валентина Матвиенко, ја посети Женева. Овој близок сојузник на Владимир Путин е исто така предмет на санкции поради нејзината поддршка на војната.
Рускиот претседател последен пат ја посети Женева на 16 јуни 2021 година, на средба со тогашниот американски претседател Џо Бајден.
Најновите билатерални разговори меѓу Русија и Украина се одржаа во Истанбул, Турција, која, и покрај членството во НАТО, се смета за попријателска кон Москва.
Ново на Сител
-
Oдбележување на Денот на народното востание
-
Трамп најави нови 100 отсто дополнителни царини за увозот од Кина
-
Се интензивира кампањата за Локалните избори
-
Мерц му вети на Зеленски засилен притисок врз Москва и проширена одбранбена соработка
-
Стартува Системот за електронско регистрирање на влез и излез преку границите на Шенген зоната
-
Променливо облачно
-
Алиу донесе решение за разрешување на директорот на Клиниката за неврологија, Кузмановски
-
Меџити: Нема да има предвремени парламентарни избори